Пињо: Засега не се договорени средба или повик меѓу Фон дер Лајен и Трамп
- Секако, се разбира, дека комуницираме за да обезбедиме да се оствари контакт што е можно поскоро, штом новата (американска) Администрација стапи на должност, додаде Пињо.
Брисел, 14 јануари 2025 (МИА) – Досега не е договорена никаква средба или телефонски разговор меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и новиот американски претседател Доналд Трамп, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Таа нагласи дека веднаш по изборите во САД лани во ноември, Фон дер Лајен и Трамп имале телефонски разговор, но дека оттогаш немало никакви контакти меѓу нив.
- Секако, се разбира, дека комуницираме за да обезбедиме да се оствари контакт што е можно поскоро, штом новата (американска) Администрација стапи на должност, додаде Пињо.
На дополнително прашање дали „Фон дер Лајен побарала средба со Трамп, но тој одбил“, Пињо одговори дека немало лично барање од претседателката на ЕК, но дека „идејата е да се побара контакт со новата Администрација што е можно поскоро“.
- Во моментов немаме никаков конкретен простор за повик или средба, додаде Пињо.
Запрашана дали има некакви нови моменти по нејзината минатонеделна изјава дека до претседателката на ЕК не е упатена покана за присуство на Фон дер Лајен на церемонијата за стапувањето на должност на Трамп, што ќе се одржи в понеделник во Вашингтон, Пињо рече дека „нема нов развој на настаните околу ова“.
- Тоа значи дека нема покана за присуство на инаугурацијата, изјави Пињо.
Таа, сепак, додаде дека оваа не е невообичаено, од причина што Фон дер Лајен не добила покана за присуство ниту на церемонијата за инаугурација на актуелниот американски претседател Џо Бајден.
- Според нашите сознанија, нема информации дека некој претседател на Европската комисија досега присуствувал на инаугурација на американски претседател, додаде Пињо.
Минатата недела на тема за односите на ЕУ со идната американска Администрација, Пињо изјави дека не е планирано Фон дер Лајен да присуствува на церемонијата за стапувањето на должност на Трамп. Запрашана дали Фон дер Лајен одбила да присуствува на церемонијата или пак воопшто не била поканета, Пињо само повтори дека „нема планови за присуство“.
- Ако добие покана тогаш ќе видиме, но во моментов нема такви планови, рече Пињо во петокот. сп/
Фото: Скриншот