• петок, 22 ноември 2024

Пич: Спроведувањето на реформската агенда е клучно за напредокот на Северна Македонија во пристапувањето кон ЕУ

Пич: Спроведувањето на реформската агенда е клучно за напредокот на Северна Македонија во пристапувањето кон ЕУ
Скопје, 1 февруари 2022 (МИА) - Обединетото Кралство силно ја поддржува евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија. Целта за пристапување кон Европската Унија е суверен избор на Северна Македонија и важен стимул за реформите, изјави сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан кој е во дводневна посета на нашата земја. Во видеопорака снимена од Британската амбасада Скопје, Пич истакна дека од клучно значење е Северна Македонија да остане посветена на спроведувањето на својата реформска агенда, особено реформите кои се однесуваат на владеењето на правото, доброто управување, човековите права и заштитата на малцинствата, посочувајќи дека овие реформи се неопходни за напредокот во пристапувањето кон ЕУ. -На средбите со регионалните лидери, министрите на Обединетото Кралство го охрабруваат решавањето на прашањата помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Го поздравуваме ангажманот на Северна Македонија и Бугарија за решавање на овие прашања бидејќи тоа ќе ѝ помогне на Северна Македонија да продолжи по својата евроатлантска траекторија без никакво одложување, истакна Пич во видеопораката по неговата прва официјална посета во својство на специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. За време на дводневната посета остварил средби со претседателот и премиерот на земјава, со владини претставници, членови на опозицијата и младите со цел, како што вели, „да ја реафирмирам посветеноста на Обединетото Кралство кон Северна Македонија и регионот и да ги слушнам нивните ставови“. Нагласи дека Западниот Балкан е од клучно значење во визијата на Обединетото Кралство за градење на европската безбедносна и економска мрежа. -Продолжуваме да работиме со нашите партнери овде, во Северна Македонија, и во регионот, за зајакнување на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето со криминалот и корупцијата, рече Пич. Како поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО, вели дека му е особено мило што Северна Македонија прославува една година од приемот во Алијансата, во март 2021, и есента формално го заврши процесот на интеграција во НАТО. -Ние продолжуваме да бидеме силни партнери во рамките на НАТО и имаме просперитетни одбранбени односи. Обединетото Кралство има цврсто билатерално партнерство со Северна Македонија засновано на меѓусебна поддршка уште откако воспоставивме дипломатски односи пред 28 години и ќе продолжиме да го градиме и зајакнуваме нашето пријателство. Ви благодарам на сите за топлото добредојде во Северна Македонија и со задоволство очекувам наскоро повторно да дојдам, рече сер Пич во видеообраќањето. За време на посетата на Северна Македонија, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан се сретна со претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска, и со претставници на опозицијата и на младите од земјава. хс/лв/

Остани поврзан