Писториус: Случувањата во Сирија ги покажаа ризиците за земјите кои се потпираат на Русија
- Случувањата во Сирија покажуваат дека земјите со стратешко партнерство со Русија можат да се потпрат на Москва само додека се корисни за претседателот Владимир Путин, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Багдад, 11 декември 2024 (МИА) - Случувањата во Сирија покажуваат дека земјите со стратешко партнерство со Русија можат да се потпрат на Москва само додека се корисни за претседателот Владимир Путин, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
За време на кратката посета на Јордан, на пат за Ирак, Писториус ја посети и воздухопловната база Ал Азрак. Потоа во Багдад ќе разговара за начините како да се помогне за стабилизирање на регионот по падот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Министерот не објасни што ќе значат случувањата за учеството на Германија во регионот, но рече дека воените мисии на земјата на Блискиот Исток, кои вклучуваат околу 600 војници, наскоро ќе бидат зголемени, а не намалени.
Како дел од коалицијата предводена од САД од околу 70 земји, Германија има војници во Ирак од 2015 година за поддршка на локалните сили. Тие се обидуваат да го спречат повторното заживување на Исламската држава.
Јорданската база Ал Азрак се користи како логистички центар за мисијата.
Германија испрати и околу 300 војници во мировната мисија УНИФИЛ која ја надгледува демаркациската линија со Израел. рп/
Фото: МИА архива