• понеделник, 23 декември 2024

Пејачот Гоце Арнаудов постхумно ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица

Пејачот Гоце Арнаудов постхумно ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица

Струмица, 11 декември 2024 (МИА) - Пејачот Гоце Арнаудов постхумно, 13 години по неговата смрт, ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица за особен придонес во областа на културата и уметноста, што се доделува по повод Денот на заштитниците на Струмица-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.

Покрај Арнаудов, за кого наградата ја прими неговата сопруга Силвија, годишни признанија за особен придонес добија Љупка Вртева во техничката култура и наука, Томе Ментинов од областа на културата и уметноста, Ресторан „Бонита“ од угостителството, Ивана Мазнејкова од културата и уметноста, Тимо Комаров за крводарителство, Иван Кукиќ за култура и уметност и Атанас Козарев од областа на образованието и науката

За животот, делото и значењето на Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици за Струмица и струмичани говореше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Во духот на Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици да застанеме за момент и да размислиме за тоа каква заедница сакаме да изградиме. Дали негуваме вистински вредности и дали се однесуваме еден кон друг со почит и грижа како што секое човечко битие заслужува? Да ги отфрлиме поделбите и себичноста и наместо тоа да го прифатиме единството и заедничката одговорност. Струмица ни припаѓа на сите нас, а не на некој поединец или група. Тоа е наше заедничко наследство и сите ние ја делиме одговорноста да го негуваме и заштитиме. Без разлика дали преку верата, културата или секојдневните дела на љубезност, сите ние поединечно ја имаме моќта да ја зајакнеме врската помеѓу нашиот град и струмичани, истакна Костадинов.

Одбележувањето на празникот, кое почна вчера, продолжи денеска во утринските часови во црковниот храм „Свети петнаесет“ каде се одржа Света Божествена литургија во чест на заштитниците, а на која присуствуваа градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, гости и верници од Струмица и поширокиот регион. рт/цр

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан