• петок, 22 ноември 2024

Пецаков: Намален долгот на Општината и реализирани повеќе проекти изминатата година

Пецаков: Намален долгот на Општината и реализирани повеќе проекти изминатата година
Охрид, 11 ноември 2022 (МИА) - Намалување на долгот на Локалната самоуправа, враќање на долговите на сите училишта, подобрување на финансиската состојба во сите јавни претпријатија, асфалтирање улици, реконструкција и изградба на нови водоводни линии, фекални и атмосферски канализации, се дел од проектите што Општина Охрид ги реализирала изминатата година. Градоначалникот Кирил Пецаков денеска на прес-конференција на која го презентираше сработеното во првата година од мандатот рече дека изминатите 12 месеци по многу напорна и посветена работа и голем ентузијазам успеале да донесат значајни промени. - Покажавме дека може подобро, дека навистина може поинаку. Минатиот ноември, со голем ентузијазам кажав дека довербата која ми ја доделија моите сограѓани за го предводам нашиот град е огромна одговорност за мене и дека ќе ги вложам сите напори за да ги исполнам очекувањата и да ги реализирам ветените проекти, рече Пецаков. Тој кажа дека успеале затекнатиот долг од 856.831.830 денари да го намалат за 202.214.512 денари. - Особено би сакал да истакнам дека успеавме да ја санираме лошата финансиска состојба во образованието. Ги сервисиравме сите заостанати обврски и за првпат сите општински училишта ја започнаа новата учебна година со нула долгови. Посветено работиме и на подобрување на финансиската состојба во сите јавни претпријатијата кои ги затекнавме во многу лоши услови. Покрај враќањето на старите долгови, нашиот главен фокус беше насочен и кон подготовка и реализација на инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат подобри услови за живеење на сите граѓани, истакна Пецаков. Во изминатите 365 дена, како што рече, изведена била водоводна линија во должина од 1.520 метри, поставена фекална и атмосферска канализација во должина од 3.295 метри, асфалтирани улици со површина од 14.138 квадратни метри , поплочени улици од 1.550 квадратни метри, изградени два резервоари за вода, санирани и изградени потпорни ѕидови, инвестирано во спортската инфраструктура, како и подготовка на технички документации за 20-тина инфраструктурни проекти кои ќе бидат реализирани во текот на наредната година.... Потсети и на организацијата на јубилејното издание на „Охридскиот пливачки маратон“, како и организирањето на првиот „Фестивал на вино“. - Охриѓани гледаат кој е искрено посветен и кој вистински работи за интересите на градот. Нивната оценка ќе остане мојот најголем мотив и заедно со нив, преку јасна визија и план ќе продолжуваме понатаму кон остварување на нашите цели, а тоа се подобри услови за живеење во нашиот Охрид, подвлече градоначалникот. сс/вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан