• петок, 22 ноември 2024

Петровска поднесе кандидатура за претседателка на СДСМ — ситуацијата во партијата е специфична со оглед на политичките околности

Петровска поднесе кандидатура за претседателка на СДСМ — ситуацијата во партијата е специфична со оглед на политичките околности

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Славјанка Петровска, денеска ја поднесе кандидатурата за претседателка на партијата.

-Денеска после 24 години активно членство во СДСМ, врз основа на повикот за самокандидирање, ја имав таа чест да ја поднесам кандидатурата за претседателка на СДСМ. Заедно со пријавата секако го поднесов и манифестот со социјалдемократијата. Тоа е мојата програма, во која што се осврнувам на тоа што треба да бидат идни приоритети на новото раководство на СДСМ, по големиот пораз којшто го доживеавме на овие избори, рече Петровска.

Вели СДСМ во минатото доживувал порази, но и победи, и како што рече, овојпат ситуацијата е специфична имајќи ги предвид политичките околности во државата. На новинарско прашање од МИА, во врска со стратегиите за обединување на членството, Петровска вели доколку биде избрана за претседателка на СДСМ ќе иницира чести внатрепартиски дебати, за кои рече, досегашните функционери на партијата ги ставиле во втор план.

-Функционерите на партијата кои извршуваа навистина одговорни државни функции беа посветени на исполнување на владината агенда и на носењето стратешки важни државни одлуки и некако во втор план се ставија партиските дебати внатре. Јас на почетокот споменав 24 години сум член на СДСМ и како младинец подоцна ги памтам долгите дебати кои ги имавме и во месните организации и во општинските организации, кога политичките збиднувања во државата, без разлика дали сме биле власт или опозиција, биле дискутирани коментирани во рамките на органите на партијата. Органите на партијата мора многу  често да заседават без разлика дали сме власт или опозиција, рече Петровска.

Вели дека добила поддршка од некои поранешни функционери на партијата, но како што рече, не би ги злоупотребувала нивните имиња.

-Јас не би ги злоупотребувала нивните имиња. Меѓутоа можам да кажам дека имав изминатиот период разговор, консултации, барав совет што е за мене секогаш својствено и никогаш не се срамам да кажам дека барам совет од поискусните и помудрите од мене. И веројатно тоа што ја поднесувам кандидатурата очигледно дека сум добила позитивни сигнали. Не би ги злоупотребувала нивните имиња затоа што сметам дека ако тие ценат треба јавно да ме поддржат, може тоа да го направат, рече Петровска. ра/ац/

Фото: СДСМ

Остани поврзан