• петок, 06 септември 2024

Перински: Законот за локална самоуправа е зрел за целосна промена

Перински: Законот за локална самоуправа е зрел за целосна промена

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека се уште нема предлог измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се овозможи назначување градоначалници во случај кога некој ќе биде именуван на друга функција, за коишто требаше да преземе иницијатива коалицискиот партнер Вреди.

- Уште на почетокот на формирање на Владата, коалицискиот партнер Вреди практично требаше да преземе иницијатива во дел на измените на Законот за локална самоуправа којшто се однесува на временскиот рок за престанок на мандат по сила на закон. Јас предлог измени се уште немам официјално видено и не можам да ги коментирам, рече денеска Перински на новинарско прашање.

По парламентарните избори во мај годинава дел од градоначалниците добија функции во извршната власт и со општините раководат в.д градоначалници.

Соред министерот Перински, Законот е зрел за целосна промена и адаптација согласно условите во кои општините функционираат денес, а следната година ќе се подготвува нов закон.

- Што се однесува до Законот за локална самоуправа во целина битно е да се спомене дека се работи за системски закон за којшто е неопходно обезбедување на двотретинско мнозинство, закон којшто е стар повеќе од две децении и реално закон којшто е зрел за целосна промена и адаптација согласно условите во коишто денес функционираат општините. Ние како Министерство за локална самоуправа го предвидуваме во нашиот акциски план и се надевам дека следната година низ широка дебата во која ќе бидат вклучени и единиците на локална самоуправа и сите експерти коишто се запознаени со материјата ќе влеземе во постапка на правење нов модерен закон за локална самоуправа, рече Перински, на прес-конференција во Владата на која соопшти дека е објавен Јавен повик за аплицирање на општините за инфраструктурни проекти. лв/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан