• недела, 17 ноември 2024

Перински: До крајот на 2026-та година сите општини ќе бидат прикачени на е-порталот со пакет од своите услуги

Перински: До крајот на 2026-та година сите општини ќе бидат прикачени на е-порталот со пакет од своите услуги

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Стратегии за зголемување на општинските приходи, унапредување на процесот на децентрализација и подобрување на транспарентност и отчетност на локалната самоуправа се теми на форумот Стратегии за соработка во одржливо мобилизирање на ресурсите и децентрализација чиј домаќин е Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите на општините.

На форумот на кој учествуваа претставници од локалните и централните власти, како и релевантни засегнати се обрати Златко Перински, министер за локална самоуправа кој истакна дека проектот е значаен бидејќи им помага на општините особено во делот на јакнење на нивната капацитетност и отчестност во управување со јавните финансии. Во тој контекст, додаде, ќе им помогне и за поодговорно и транспарентно користење на средствата во однос на јавниот повик кој го објави Владата во износ од 100 милиони евра за капитални инфраструктурни проекти.  

-Владата преку ресорните министерства ќе го следи процесот, меѓутоа имплементацијата на средствата е во целосна одговорност на локалните самоуправи и се надевам дека оваа алатка ќе им помогне поодговорно и посоодветно да ги располагаат тие средства. Дополнително ќе помогне во оној дел на дигитализација која како МЛС ни е императив да ја спроведеме. Зацртавме цел до крајот на 26-та година сите локални самоуправи ќе бидат прикачени на е-порталот при кој што ќе нудат одреден пакет од своите услуги кои ги нудат кон граѓаните, но дополнително ќе ја обезбедиме можноста да го колектираат данокот на имот по пат на е-данок, како и поангажирано да се посветат на проблемот во колектирање на приходите од сопствени извори како данокот на имот и комуналните такси, односно посоодветно да ги ажурираат нивните бази на корисници..Во моментов имаме огромен диспаритет помеѓу локалните самоуправи - имаме самоуправи каде собираат данок приближно 100 проценти, но и некои каде имаме 0 проценти, рече меѓу другото Перински според кого алатката треба да помогне за поголема финансиска самостојност на општините.   

Заменик амбасадорката на САД Никол Варнс меѓу другото ќе порача дека децентрализацијата не е само за пренос на власта, туку таа треба да обезбеди дека локалните власти имаат алатки и ресурси за да успеат да ги задоволат потребите на своите граѓани.

-Ве охрабрувам да ги поместите границите на она што е можно. Без разлика дали преку јавно-приватно партнерство, подобрени системи за собирање даноци или транспарентни буџетски процеси, соработката и иновациите можат значително да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните низ целата земја. Како што одиме напред, да запомниме дека ова не е предизвик со кој ниту еден ентитет може да се справи сам. Потребна е соработка на локалните власти, националните креатори на политики, приватниот сектор и граѓанското општество, рече Варнс нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави стојат со нас на ова патување чија цел е подобра иднина која ќе има приоритет на финансиската одржливост, иновациите и благосостојбата на сите граѓани.

Во однос на можноста општините да станат независни од централната власт, како да ја подобрат наплатата на даноците и колку се во можност да ги искористат средствата кои Владата ги најави за општините од 250 милиони евра за секоја година, градоначалникот на Тетово, Билал Касами смета дека општините воглавно поголемиот дел имаат капацитет, но за жал, вели, не сите ги искористуваат локалните ресурси, и посочи на примерот на Тетово.

-За жал, претходните структури не ги искористија докрај можностите кои ги дава досегашното ниво на децентрализација и затоа прва наша заложба беше тоа, за да бараме дополнителни ресурси од централната власт и од меѓународните финансиски институции, ние мора  да создадеме капацитети за да ги искористиме и собереме нашите локални приходи. Ние во Општина Тетово сериозно работиме во тој дел и веќе втора година по ред по новата проценка на имотите е дуплирано собирањето на данок на имот како основен прилив и приход од локланите избори. Исто така работиме сериозно на добивање дополнителни ресурси од централната власт и меѓународни институции, рече Касами, посочувајќи дека треба да се работи на продолжување на процесот на децентрализација, за што има потпишано меморандум меѓу ЗЕЛС и Владата, како и на можноста за соработка меѓу општините во насока на искористување на ресурсите. 

Универзитетскиот професор Борче Треновски меѓу другото ќе укаже на проблемот со капацитетот на општините да ги собираат и да управуваат со јавните финансии во тековната констелација на јавни приходи, оти вели, сопствените буџети на општините изнесуваат до 30 проценти, а останато се капитални трансфери од централната власт. Ако сакаме општините да ги испорачуваат услугите тие треба да го зголемат значајно тој процент. За него целатата реализација на најавените средства од 100 односно 250 милиони евра за развој на општините, ќе зависи од капацитетите на самите општини да ги реализираат тие средства, а над 35 проценти од нив немаат стратешки планови.

-Сите истражувања покажуваат дека капиталните инвестиции, инвестициите направени преку локалната власт даваат поголеми резултати и за економското задоволство на граѓаните, и за економскиот раст на локално ниво и обезбедуваат повеќе приходи да се соберат на локално ниво. Тие треба да бидат дел од синџирот на спроведување на инвестициите, вели, Треновски, но потребно е да се направи значајна контрола и утврдување и зајакнување на нивниот капацитет, па и поддршка од една покапацитетна кон друга општина, оти може средставта да не се реализираа, а граѓаните да останат незадоволни.

Директорот на проектот, Бардул Марку, истакна дека се свесни дека процесот на децентрализација сепак не овозможува самостојно финансирање на сите функции во локалната самоуправа и затоа постојат дел од тие фондови од ДДВ кои се префтлаат на општините. Според него, основаната работа на која треба да се посветат градоначлалниците е да ја подобрат наплата на локалните изворни приходи, пред се даноците на имот, локалните такси и други давачки во склоп на пакетот на изворни приходи.

-Точно е дека имаше општини кои пред неколку годинии немаа ни даночни одделенија. Општина Арачиново немаше воопшто даночно одделение, но со поддршка на нашиот проект тие формираа даночно одделение и минатата година ние бележиме кај нив зголемување на прибирање на даноци на имот за 125 проценти споредено со претходната година. Значи од 2022 година тие почнаа со администрирање на даноци. Генерално, со нашата поддршка општините значилително ја подобрија состојбата со администрирање на даноци. Лани според податоците од МФ има подобрување во општините во кои работевме од 33 проценти зголемување на наплата на прибирање на даноците. Тоа е одличен процент за почеток но треба уште да се работи, вели тој.

Посочува дека во сите општини се уште има објекти кои не се евидентирани, и според една анализа од пред една година, доколку сите тие се регистрираат и се направи утврдување на нова пазарна вредност на тие објекти, даноците на имот ќе бидат значителна ставка во изворни приходи и би достигнале до 60 проценти во касата на локалната самоуправа.    

Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен проект (2021-2026), кој им помага на единиците на локалните самоуправи  во Северна Македонија да ги соберат и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат нејзините граѓани. вг/аа/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан