• четврток, 04 јули 2024

Пентагон домаќин на состанок на 50 сојузници за помош на Украина

Пентагон домаќин на состанок на 50 сојузници за помош на Украина

Вашингтон, 23 јануари 2024 (МИА) -  Првпат откако американскиот секретар за одбрана Лојд Остин формираше меѓународна група за поддршка на Украина во април 2022 година, САД ќе бидат домаќини на месечниот собир на околу 50 земји, иако Пентагон нема пари на располагање и не може да ја испрати потребната муниција и ракети на Украина за борба против руската инвазија.

Како што пренесуваат странските агенции, САД, додека чекаат Конгресот да донесе буџет и потенцијално да одобри дополнително финансирање за украинската борба, ќе се потпрат на сојузниците и нивната амбиција да ја пополнат празнината.

- Во центарот на денешниот состанок, кој се одржува виртуелно, ќе бидат долгорочните потреби. Иако не можеме да обезбедиме безбедносна помош, нашите партнери продолжуваат да го прават тоа, изјави заменичката за медиуми на Пентагон, Сабрина Синг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел објави нов заеднички договор вреден 1,2 милијарди долари за купување на повеќе од 222.000 гранати од калибар 155 милиметри. Оваа муниција е меѓу најупотребуваните во овој конфликт, а договорот ќе овозможи и надополнување на резервите на сојузниците кои претходно испратија свои резерви во Киев.

Пентагон ја објави својата најнова воена помош за Украина на 27 декември, пакет од 250 милиони долари, кој вклучува муниција од 155 милиметри, противвоздушни ракети Стингер и друго оружје од постоечките американски залихи.

Оттогаш, САД не можат да испорачаат дополнително оружје бидејќи парите за надополнување на тие залихи се потрошени, а Конгресот сè уште не го одобрил барањето за дополнителни средства.

Денешниот состанок ќе се одржи виртуелно бидејќи Остин се опоравува дома по компликациите од третманот на рак на простата.

САД обезбедија повеќе од 44,2 милијарди долари воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година. Околу 23,6 милијарди долари од таа помош беа земени од постојните воени резерви, а речиси 19 милијарди долари беа испратени во форма на долгорочни воени договори, за производи за кои ќе бидат потребни месеци за да се набават. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан