• понеделник, 23 декември 2024

Меѓуетничките односи се приоритет на приоритетите за стабилност и мир

Меѓуетничките односи се приоритет на приоритетите за стабилност и мир

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Се трудиме да им дадеме простор и можност на сите помалубројни заедници, на нивните претставници и невладиниот сектор и на сите засегнати актери кои се занимаваат со прашањето за унапредување на меѓуетничките односи во нашата држава, да бидат сослушани и да преземат конкретни мерки во однос на решавање на прашањата кои се иницираат во Комитетот за односи меѓу заедниците, истакна претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието, Арбана Пашоли, на денешната конференција на тема „Немнозинските заедници на патот кон ЕУ интеграција на Република Северна Македонија-Можности и предизвици во преговарачкиот процес“.

Конференцијата е во организација на асоцијација Иницијатива за социјална промена - ИнСоК од Гостивар, во партнерство со Центар за интеграција и поддршка - СИЕК од Скопје и Здружението за права и хуманост - ИНТЕГРА НАУ од Скопје, и нејзина главна цел е придонес кон општествено опкружување, во кое функционира и се развива граѓанскиот сектор, придонесува за намалување на политизирањето во општеството, мултикултурната соработка и кохезија, добро владеење и социјална инклузија.

Арбана Пашоли за претседателка на комитетот е избрана во ноември 2020 година. Како што истакна, Комитетот е едно од најважните тела во Собранието кое се занимава особено со прашањето за развивање на мултикултурализмот во нашата држава. Се состои од вкупно 19 членови, седум пратеници македонци, седум пратеници албанци и пет претставници пратеници од помалобројните заедници кои се дел од уставот на државата, од турската заедница, влашката, ромската, српската и бошњачката заедница.

 - Мислам дека е многу важно ние да бидеме отворени кон отворање на прашањето за меѓуетнички односи. Многу често се случува луѓето да имаат страв да отвораат прашања околу меѓуетничките односи и правична застапеност. И не е тоа случајно, ние сме сведоци на нашето минато, турбулентно, на некој начин и болно, рече Пашоли.

Таа нагласи дека треба да бидеме свесни дека меѓуетничките односи се приоритет на приоритетите за стабилноста и мирот во нашата држава, но и пошироко, така што мора да вложуваме и енергија и труд, особено со помладите генерации за да ги сфатат меѓуетничките односи и интеркултурализмот во вистинксата смисла на зборот.

- Младите треба да ги сфатат меѓуетничките односи и интеркултурализмот во вистинксата смисла на зборот се со цел и наредниот период да придонесуваме сите заедно, да има повисока социјална кохезија, разбирање за различните од нас и зошто да не и дружење и реализирање на заеднички активности, дополни претседателката на Комитетот.

На конференцијата се обрати и претставник од швајцарската Амбасада во нашата држава, кој истакна дека интересен фактор за Швајцарија што многумина не го знаат е дека 40 отсто од швајцарското население има миграциско потекло и дека имаат четири официјални национални јазици кои не се јазиците што ги зборува мнозинството.

Тој додаде дека најголемиот дел од јавните услуги во јавните служби во Швајцарија се испорачуваат на еден јазик, јазикот кој го зборува подолемиот дел од популацијата, но не се исклучува можноста некои јавни настани да се и на останатите јазици.

Раководителот на програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Олег Солдатов, истакна дека постои резолуција во нивниот Комитет на министри за спроведување на конвенција за заштита на националните малцинства од Северна Македонија. 

- Постои резолуција за одредена земја на Комитетот на министри со препораки до Владата да ги преземе сите неопходни мерки за да продолжи да гради интегрирано општество кое цврсто се заснова на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права и почитување на различностите, истакна Солдатов.

Тој додаде дека се препорачува и да се избегнува меѓусебно исклучувачката етнонационалистичка политика, како и Владата да продолжи да работи на имплементација на принципот на правична застапеност. сан/нд/ 

Фото: МИА

Остани поврзан