Пахор се повлече од кандидатурата за специјален пратеник на ЕУ за дијалогот Белград–Приштина
- Поранешниот претседател на Словенија Борут Пахор не се пријави за позицијата специјален пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, јавува Анадолија.
Љубљана, 4 јануари 2025 (МИА) - Поранешниот претседател на Словенија Борут Пахор не се пријави за позицијата специјален пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, јавува Анадолија.
Денеска истекува рокот за пријавување на повикот од високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика за четири специјални пратеници на ЕУ, вклучително и оној за дијалогот Белград–Приштина и други регионални прашања.
Според Пахор, околностите се промениле од пролетоска кога најавуваше кандидатура. Причините ги опиша во седум точки, вклучително и неговите лични ставови.
Според него, грешка е што за разлика од другите три повици за специјални пратеници, мандат од една година има само пратеникот за дијалог меѓу Белград и Приштина.
Истовремено, тој додаде дека од неофицијално соопштение дознал дека треба да се намалат финансиските средства на пратеникот за дијалог и неговиот кабинет.
Тој посочи и дека од неформални разговори дознал дека за специјален пратеник бараат дипломат, а не политичар.
- Тоа е, се разбира, легитимна одлука, но политиката на технички дијалог продолжува, која не се покажа како најдобра. Според мене, тоа е затоа што околностите многу се сменија, дојде време за политичар на ова место и за политичка интервенција, се разбира по инструкции на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика. Стравот дека тоа би можело да биде поради моите политички позиции во минатото е произволен, неоснован, објасни Пахор.
Според Пахор, неговите лични ставови за проширувањето се разликуваат од официјалната политика на ЕУ.
Тој нагласи дека најбрзиот можен прием на Црна Гора и Албанија може да биде пречка, а не поттик. Словенечкиот дипломат, исто така, смета дека е значајно и важно што соговорниците во Србија и Косово сметаа дека за нив е се многу поважни американските, отколку европските избори.
- Тоа доволно зборува за авторитетот на процесот на проширување во регионот, рече Пахор.
Тој им посака успех во процесот на проширување на избраниот посредник и високата претставниќка, комесарот за проширување, Европската комисија и нејзиниот претседател.
„Ќе продолжам да се стремам кон ова како основач и директор на Институтот на пријатели на Западен Балкан. Доколку некој од нив смета дека можам да помогнам од оваа улога, ќе дадам се од себе“, потенцираше Пахор. ссм/
фото: архива