• среда, 27 ноември 2024

Партнерството меѓу спортскиот и приватниот сектор во фокусот на настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“

Партнерството меѓу спортскиот и приватниот сектор во фокусот на настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“

Скопје, 23 ноември 2024 (МИА) - Искуствата околу успешното партнерство меѓу спортскиот и приватниот сектор, стратегии како да се надминат бариерите во започнување и одржување на успешно претприемништво и какви можности и перспективни постојат во спортскиот сектор и бизнисот беа во фокусот на настанот „Поттикнување на женското претприемништво во спортот“ што вчера се одржа во Скопје.

Настанот имаше за цел да го стимулира претприемачкиот дух кај жените кои се вклучени и дејствуваат во спортската индустрија. 

На првата сесија говорничките Нина Ангеловска и Елена Бубало Михајловска ги споделија своите претприемачки приказни, додека втората сесија беше посветена на клучни чекори за остварување на соработка и спонзорски договори меѓу приватниот или корпоративниот свет и женскиот спорт, во која говорниците Виктор Мирчевски од Конект, Фросина Бошкова од А1 и Софија Гошева Чоланческа од Академијата за жени претприемачи истакнаа клучни чекори и препораки за успешен развој во овој домен.

- Верувам дека овој настан е важен поттик и чекор напред кој отвора нови можности и перспективи за жените и женското претприемништво. Сакаме да видиме што поголем број на жени кои ќе го остварат својот претприемачки дух во спортскиот бизнис и иновации зашто омоќувањето на жените е тесно поврзано со нивната економска стабилност и финансиска независност, изјави Силвија Митевска, директорка на Спорт Соушал Солушнс, организатори на настанот. 

Третата сесија беше посветена на дискусија околу лидерските способности на жени претприемачки, овозможувачката средина и како спонзорството влијае на професионализација на женскиот спорт, во која говореа Ирена Јакимова, основачка на Инспирит Коучинг, Валентина Дисовска од Здружението на бизнис жени и Александра Терзиевски од ЖФК Тиверија Брера. 

Настанот се организира во рамки на проектот „Фер Игра-Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, координиран од Македонскиот Олимписки Комитет, во партнерство со Македонскиот Центар за меѓународна соработка, Параолимпискиот Комитет и Спорт Соушал Солушнс. ар/бак/


Фото:Спорт Соушал Соулушнс

Остани поврзан