• сабота, 23 ноември 2024

Пандемијата ги осами слепите лица

Пандемијата ги осами слепите лица
Штип, 30 октомври 2021 (МИА) - Меѓународниот ден на Белиот стап, што се одбележува на 15 октомври, во време на кампања за Локалните избори, помина незабележително, со само неколку напишани вести и за тоа со кои активности го одбележале Здруженијата на слепи лица. Слепите и слабовидните лица ширум светот живеат, работат и независно придонесуваат за својата заедница. Најтешко и со низа проблеми и препреки поминуваат слепите лица, кои се самци. Претседателот на Здружението на слепи лица за Штип, Пробиштип, Радовиш, Карбинци и Конче, Драги Витанов лани, но и годинава на Денот на Белиот стап алармираше дека на слепите лица - самци им е потребна најголема помош од институциите. Како пример го посочи и нивниот член од радовишкото село Дамјан, кој за време на карантинот три дена остана без леб. Никој не можел да му подаде леб и храна во неговиот дом. - Слепи лица неколку дена остануваат без храна, што значи тоа е навистина преживување, а не и живеење. Затоа се трудиме да направиме нешто и во тој правец. Јас изминатиот месец разговарав овде во Штип да се покрене една иницијатива за отворање на Дом за слепи лица, кои се самци и да има 24 часовна нега. Тоа навистина малку ќе биде потешко да се реализира, но верувам и имаме поддршка од сите фактори, со кои контактиравме, вели Витанов. Добил ветување дека идејата, но и проектот за Дом за слепи лица-самци ќе се реализира затоа што само во штипскиот регион има над 20 слепи лица, кои живеат сами, а оваа бројка наредните години може и да се зголеми. На ниво на источен регион според анализите на здружението бројката на слепи лица, самци е околу 50. - Тоа ќе биде Дом од регионален карактер, каде што ќе бидат сместени лица од Штип, Карбинци, Радовиш, Пробиштип, Струмица, Кочани и други градови. Се надевам дека ова ќе го истуркаме и ако успееме ова ќе биде одлична работа и едно големо олеснување за тие лица, бидејќи во самиот Дом ќе бидат сместени други лица и ќе можат да се запознаат и да живеат онака какошто доликува, а не како што сега се снаоѓаат како знаат и умеат и сега е навистина лошо, рече Витанов. За слепите лица, кои по улиците и тротоарите се движат со помош на бел стап најголем проблем се сообраќајните знаци, кои се поставуваат без ред, па по троатарите овие лица се движат како на слалом патека. Членови на Здружението на слепи лица велат дека локалните институциите слушаат и ги прифаќаат нивните барања. Почната е обуката за асистенти за слепите лица. Очекуваат асистените да им бидат ставени на располагање од декември годинава. Во штипската населба „Сењак“ веќе е ставен ред со сообраќајните знаци, но ова треба да продолжи и во другите населби и централното градско подрачје. Апелираат возачите да имаат сообраќајна контрола и возилата да не ги паркираат на троатарите, кои им го отежнуваат движењето и на нив, но и на останатите пешаци во градот. Витанов вели дека е задоволен што конечно се реализира и една нивна долгогодишна идеја, а тоа е поставување на ограда на тротоарот на едната страна на река Отиња. - Тоа е една важна работа, која треба да се реализира и заврши до крај, има и други работи, коишто треба да се променат во градот. Тротоарите се многу високи и тие треба малку да се прилагодат, особено во делови од градот Штип. Имаме исто така и еден голем проблем, не само слепите, туку и глувите лица се соочуваат со многу големи проблеми, а тоа е што нема толкувачи во ниту една институција, освен во Судот. Тоа е едно лице, а во било која институција, дали во општината, болницата, медицинскиот центар нема лице кое го познава нивниот јазик. Тоа е навистина чудно во денешно време, додаде Витанов. Штипјанката Ливанта темнината и карантинската тишина ја победи со компјутер и телефон со звучна поддршка Штипјанката Ливанта Дивчова е една од 20-те слепи лица, кои сами живеат во своите домови во штипскиот регион. Самотијата најмногу ја почуствувала, кога во земјава во сила беше полицискиот час. Но, како што вели, на новото време и таа, но и останатите морале да се прилагодат. Покрај тоа што живее во темнина, во тој период морала да ја победи и тишината. Средбите и дружбите со членовите од здружението, во тој период морале да ги прекинат поради карантинот и мерките, па тишината во нејзиниот дом ја победила преку комуникација со своите пријатели на  компјутерот или телефон со звучна програма. - На тој начин си го пополнував времето, но и си го олеснував животот. Воопшто целиот живот ми е олеснет со таа способност да користам компјутер и телефон. Имав комуникација со целиот свет така да кажам, учествувам на повеќе зум, онлајн конференции. Повеќе пријатели стекнав преку интернет, а имам контакти и со моите пријатели уште од времето на поранешна Југославија, бидејќи јас учев во Белград и таму имам доста пријатели. Така што таа комуникација, до ден денес, многу ми помага во животот, вели Дивчова. Ливанта е позитивна личност, топло ги препорачува и звучните книгата. Во нејзината библиотека има над 2.000 звучни книги во МП3 формат, а какошто вели текстуални книги има над 20.000. - Немам ни време да прочитам се што сакам. Мислам дека и во целиот живот нема да можам да прочитам се што сакам, со таа звучна програма што ја имам и на неа сум оспособена уште мала во Скопје во училиштето да го користам и Браевата азбука, а сега вообичаено ја користам тастатурата на компјутерот, вели Дивчова. Штипјанката Ливанта вели дека секојдневно се соочуваат со пречки кога излегуваат на улица или тротоар, но ги замолува и луѓето кои имаат домашни миленици, кога ги изнесуваат на прошетка да си земат кантички за изметот на своите миленичиња. Викторија Димитрова-Јованова

Остани поврзан