• понеделник, 23 декември 2024

Павел: Заедно со воената помош за Украина, бараме и мирно решение преку преговори

Павел: Заедно со воената помош за Украина, бараме и мирно решение преку преговори

Прага, 15 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Чешката Република Петр Павел денеска на социјалните мрежи порача дека помошта во оружје за Украина не ја исклучува потрагата по решение за запирање на војната со Русија во мировните преговори и дека тоа мора да се одвива паралелно.

„Воената помош за Украина не ја исклучува потрагата по решение за запирање на конфликтот. Напротив, тоа мора да се одвива паралелно за Русија да сфати дека не постои воено решение. Русија во свои раце го држи моменталниот крај на конфликтот. Сепак, тоа не ја интересира се додека има надеж да ги постигне своите цели“, напиша чешкиот претседател на социјалната мрежа Х.

Чешкиот претседател со денешната изјава реагираше на бурата на чешката политичка сцена предизвикана од неговото интервју за британскиот канал Скај Њуз, емитувано во понеделникот, во кое рече дека е наивно да се мисли дека Русија лесно ќе ги предаде териториите кои ги окупираше и дека треба да се запре војната и дури потоа да се разговара за идното решение.

„Мораме да бидеме реални. Би било наивно да се каже дека Украина може да успее да ги врати окупираните територии во догледна иднина. Русија нема лесно да се откаже од областите што ги окупира. Треба да ја запреме војната и потоа да почнеме да разговараме за идното решение“, изјави Павел во интервју за британската телевизија.

Чешкиот претседател нагласи дека може да се постигне компромис, но не без согласност на Украина и Русија, како и на земјите кои би биле гаранти на тој договор. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан