• понеделник, 19 јануари 2026

Охрид подготвен за Водици, настан во календарот што привлекува поголем број гости во градот надвор од главната туристичка сезона

Охрид подготвен за Водици, настан во календарот што привлекува поголем број гости во градот надвор од главната туристичка сезона

Охрид, 18 јануари 2026 (МИА) – Градот Охрид е подготвен за годинешното издание на Богојавленскиот водосвет – чествувањето на првославниот празник Богојавление – Водици со осветувањето на водите на Охридското Езеро и традиционалното положување на Чесниот крст.

Чествувањата на верскиот празник ги организираат Општина Охрид и Дебарско-кичевската епархија, во духот на христијанската традиција како манифестација што години наназад е една од најмасовните во овој дел од православниот свет.

Централното градско подрачје е свечено украсено, Градскиот плоштад подготвен за гостите,  пристаништето е измиено, дислоцирани се сите пловни објекти, а дното на езерото каде ќе влегуваат верниците во водата исчистено од цврст отпад.

Самата манифестација е поделена во два дела – верски што и припаѓа на Црквата односно за што е задолжена Дебарско-кичевската епархија, додека за се останато, за самото одвивање на манифестацијата, за забавниот дел, безбедноста на посетителите, сето е во координирана надлежност на Општината, со вклученост на сите градски јавни претпријатија и активна поддршка на државните служби.

Што се однесува на верскиот дел од манифестацијата, Централната богослужба ќе се одржува во црквата „Успение на Пресвета Богородица“  –  Каменско. Богослужби ќе има и во црквите „Св. Никола- Геракомија“ од каде и потекнува и оваа традиција, „Св. Никола“ во  Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви ќе тргнат кон Градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Оваа година за прв пат водите на Охридското Езеро ќе ги освети и во нив ќе Чесниот крст ќе го положи новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј, кој и самиот вели дека Богојвление - Водици е еден од најважните настани, не само за градот Охрид, туку и за цела Македонија, којшто и во текот на изминатите години никој не го наметнал, туку природно Охрид го има здобиено најважниот настан на Богојавление да се случува токму тука.

- Би сакал да искажам искрена благодарност за сето она што во минатите години било правено и за сето тоа однапред што ќе го направите. Вака кога гледам колку има обврски, чинам дека мојата обврска ќе биде најлесна, веројатно. Единствено што би сакал да да посакам Господ да помогне сè да помине како што треба во најдобар ред, рече Владиката на неодамна одржаниот Координативен состанок за престојните Богојавленски празници.

Точно на пладне кој месноста Сараиште ќе има групно крштевање, а сите кои имаат желба и потреба да се пријават во црквата „Св. Никола Геракомија“ во Стариот дел на градот.

Световниот дел од празнувањето на Водици ќе продолжи веднаш по осветувањето на водите на Охридското Езеро. Како што појасни градоначалникот Кирил Пецаков, подготовките за културно-забавниот дел се започнати веќе поодамна.

- Остануваат да се спроведат последните подготовки за настанот. Водици во Охрид е централна манифестација низ годините, така што наша обврска е организацијата да биде на највисоко ниво, рече тој.

Пецаков очекува дека и оваа година ќе има масовна посетеност на градот за празниците, со најава за присуство на над десет илјади гости, како верници од околните градови, но и гости од соседните држави и пошироко.

За добрата забава оваа година ќе бидат ангажирани естрадните уметнички Елена Велевска и младата и талентирана Елена Андоновска, кои ќе настапат на сцената поставена на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“.

За здравствената безбедност на капачите и сите посетители ќе бидат ангажирани повеќе екипи, и на Црвениот крст и на Службата за итна медицинска помош. Од вечерва на платото помеѓу Капетанијата и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.

Од Црвениот крст апелираат до сите кои ќе влегуваат во вода да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу осум степени.

Институтот за социо-културна антропологија на Македонија по деветти пат во Охрид ја одржува Меѓународната научна конференција „Охрид - Водици 2021“.

За самиот ден Водици и настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот ќе бидат ангажирани пет тимови спасители на вода, распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, три нуркачки тимови, како и со пет медицински тимови за укажување прва помош со две амбулантски возила, помогнати со медицински тим на Службата за итна медицинска помош исто така со амбулантско возило.

Во рамки на Манифестацијата под мотото „Една капка може да промени се“  ќе се одржува и традиционалната крводарителска акција „Водици 2026“ и тоа од 9 до 15 часот во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“. Организаторот на сите хумани граѓани кои ќе даруваат крв заедно со Дебарско-Кичевската епархија обезбеди скромни подароци.

Манифестацијата по повод Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и на Денот на рибарите - 20 јануари, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител.
И оваа година таа уникатна манифестација се одбележува со традиционалното капење на рибарите, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест. Последните години наместо рибарите во езерото влегуваат членовите од тајфата на оној што ќе го фати крстот. Целата манифестација се одржува на месноста Сараиште, а е збогатена со музичка програма и пржени плашици, колбаси, пача, греана ракија и вино за посетителите...

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити. аб/нд/

фото/МИА

 

Остани поврзан