• петок, 22 ноември 2024

Охрид викедов домаќин на Европскиот куп во Параглајдинг – дисциплина прецизно слетување

Охрид викедов домаќин на Европскиот куп во Параглајдинг – дисциплина прецизно слетување
Охрид, 28 април 2022 (МИА) – Повеќе од 50 параглајдеристи од неколку европски земји, ќе учествуваат на Европскиот куп во Параглајдинг – дисциплина прецизно слетување што викендов ќе се одржи во Охрид, во организација на Воздухопловната федерација на Македонија, со поддршка од Општина Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков и Мартин Јовановски од Воздухопловната федерација на Македонија денеска на прес-конференција информираа дека ќе присуствуваат параглјдеристи од топ три светската ранг листа. - Бројката од над 50 пријавени учесници од неколку европски земји, кои викендов ќе полетуваат под падините на планината Галичица и ќе слетуваат на градскиот стадион во Охрид, е показател дека се работи за атрактивен спортски настан, кој ќе овозможи неповторливо уживање за сите љубители на спортот, нагласи Пецаков. Локалната самоуправа, додаде, е подготвена за соработка и поддршка на вакви настани, кои, според градоначалникот, можат да дадат значаен придонес во развојот на Охрид како интересна дестинација за алтернативен туризам. - Можеби од наредната година на Галичица ќе има слетилиште и полетувалиште за параглајдери на ниво од светски рамки, нешто што е предвидено и во самата програма за Локалните избори. Се надевам дека ќе можеме да ја продолжиме оваа приказна и со големи натпревари во Охрид, а со тоа и да се придонесе за развој на активниот туризам кој преку овој настан ќе се промовираат Охрид и Галичица како една одлична дестинација за одмор и рекреација на овој вид на спортисти, рече Пецаков. Претставникот на Воздухопловната федерација на Македонија, Јовановски нагласи дека присуството на параглјдеристи, 15-тина од топ 20 параглајдеристи, носи големи бодови за Светската ранг-листа, која ќе помогне и за промоција на Охрид, но и на македонските натпреварувачи да освојат подобри поени. Од земјава, нагласи, тој ќе се натпреваруваат 10-тина параглајдеристи во прецизно слетување. - Ова е натпревар од светски ранг, кој е дел од Европската лига, има пет натпревари и на крај се освојува Европски шампионат. Македонија има огромно искуство во организација на големи параглајдерски натпревари, но за жал тие досега не биле направени во Охрид и Галичица, иако сме имале фантастични услови во овој дел на Македонија. Се надевам дека овој прв Европски куп ќе биде увертира можеби во поголеми настани, како светски купови и првенства наредните години, истакна Јовановски. Во Македонија има околу 20 активни клубови со натпреварувачи и уште 10-тина рекреативни, три активни параглајдинг школи и околу 150 натпреварувачи, како и голем број рекреативци. сс/цр

Остани поврзан