Охридската гимназија вечерва ќе блесне во боите на „Ехото на Охрид“
- Настанот наречен „Ехото на Охрид“ е замислен како аудио-визуелно инспиративно доживување — синергија од светлина, звук и архитектура. Фасадата на Гимназијата ќе стане „жива сцена“ преку оригинални 3Д-секвенци, динамичен ритам и прецизен мапинг, создавајќи современо искуство за сите возрасти.
Охрид, 24 декември 2025 (МИА) – Во дворот на Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид вечерва ќе се проектира 3Д мапинг музичко-сценско шоу осмислено од страна на режисерот Илија Пиперкоски, со видео-анимации и 3Д мапинг изработени од Јовица Смилески и Милчо Узунов.

Настанот наречен „Ехото на Охрид“ е замислен како аудио-визуелно инспиративно доживување — синергија од светлина, звук и архитектура. Фасадата на Гимназијата ќе стане „жива сцена“ преку оригинални 3Д-секвенци, динамичен ритам и прецизен мапинг, создавајќи современо искуство за сите возрасти.
Како што соопштуваат самите автори, тоа е приказ на чиста визуелно-музичка експресија која го слави моментот и просторот.
-Фасадата на гимназијата, со нејзиниот историски неокласицистички стил, симболично претставува ‘платно на минатото’ што се трансформира во ‘портал кон иднината’. Со помош на два професионални проектори од 30 илјади лумени, зградата ќе се ‘оживее’ преку 3Д мапинг – колоните ќе станат стебла на животот, прозорците ќе се претворат во портали кон ѕвездите, а целата структура ќе пулсира во ритамот на музиката. Овде, ја адаптираме таа приказна за локален контекст, поврзувајќи ја со богатата историја на Охрид како центар на просветителството и културата, и ова е начин да се поврзе историјата со иднината, поттикнувајќи размислување за нашето место во универзумот, велат креаторите.
Шоуто е во времетраење од 45 минути, а проекциите ќе почнат од 18 часот и ќе траат до 22 часот, со реприза на секој час. Настанот се реализира со поддршка од Општина Охрид. аб/вг/
фото/Ехото на Охрид