• понеделник, 01 јули 2024

Официјално почна со работа Факултет за здравствени науки при УЈИЕ

Официјално почна со работа Факултет за здравствени науки при УЈИЕ

Тетово, 5 октомври 2022 (МИА) - Со свеченост беше означено почнувањето со работа на новиот Факултет за здравствени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Овој Факултет за прв пат е акредитиран во новата 2022/2023 година каде има тригодишни студии за медицински сестри и за физиотерапија.

Ректорот на УЈИЕ Абудлменаф Беџети и министерот за образование и наука Јетон Шаќири со пресекување на лента означија официјален почеток со работа на оваа студиска програма.

-Министерот го донесе официјалното решение официјално за денеска да го отвориме факултетот, му се заблагодарувам за поддршката, тоа беше едно не толку лесно патување до оваа состојба. Затоа што на оваа област е многу регулирана и законски и со подзаконски акти и се разбира поминавме низ сите институционални филтри за да стигнеме до тука. Подготвивме техничко-технолошка инфраструктра за да можат нашите студенти да имаат практичната настава која според студиските програми претставува 50 отсто од наставаниот процес. И средните медицински училишта можат да користат услуги во овој дел од УЈИЕ, изјави ректорот Абдулменаф Беџети.

Министерот Шаќири посочи дека му е чест и задоволство од тоа што го видел денеска на Универзитетот особено поради можностите за практична настава.

-За мене како министер е многу важно кога теоретскиот дел на настава има многу добра прилика да се реализира преку практичен дел од наставата. Тоа го видов денеска, како ќе се реализира практичниот дел од настава. Јас универзитетите ги гледам како институции кои треба да соработуваат но исто така освен соработка помеѓу Универзитетите ќе треба да има соработка и помеѓу училиштата заради тоа што со тоа ќе добие наставниот кадар, средните училишта но и средношколците и студентите, истакна министерот Јетон Шаќири.

Две студиски програми за медицински сестри и за физиотерапија имаат максимален капацитет од 150 студенти но оваа прва генерација е со помал број. ас/сст/

 

Остани поврзан