• вторник, 05 ноември 2024

Отворена „Галерија под отворено небо“ во Чашка

Отворена „Галерија под отворено небо“ во Чашка

Велес, 4 јуни 2023 (МИА) - „Галерија под отворено небо “ викендов е поставена во центарот на Општина Чашка, на ѕидната површина на детската градинка „Бамби“ која гледа кон плоштадот.

Во застаклени дрвени кутии поставени се 12 дела од 10 уметници. Изложбата прва од ваков вид во општинава ја организира професорот по ликовна уметност и академски ликовен уметник Драганчо Таневски од Чашка со поддршка на „Центарот за современи уметности‟ – Скопје и „Фондација отворено општество Македонија

На изложбата се поставени дела на уметници од Скопје, и по едно од Велес и од Чашка.Тоа се ликовните уметници:  Бранкица Јордановска, Сали Ертунч, Ана Спасова, Ана Трајковска,  Доротеј Нешовски, Сања Симоска, Ѓоше Манчев, Ивана Самандова, Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски.

Таневски за МИА  информира дека во Чашка нема галерија па тој затоа одлучил на отворен простор на местото кое е зборно за локалните жители да претстави ваква изложба.

-Целта на оваа изложба ми е уметноста да се приближи до народот, да допре ште е можно до поголем број на публика. Изложбите најчесто се прават во затворени простории во галерии и обично во поголемите градови. Во помалите градови и во руралните средини нема никаков културен и галериски простор, појасни Таневски.

Тој потенцира дека ова е место во центарот на Чашка каде поминуваат голем број на луѓе од сите возрасти и е раздвижено па така изложбата ќе можат сите кои таму поминуваат да застанат и  слободно да ја разгледаат.

Оваа изложба на отворено ќе може да се погледен во наредните 3-4 недели.

Воедно, Таневски најави дека планира и други вакви изложби, но доколку за нив добие финансиска поддршка.

Тој од локалната власт на Општина Чашка веќе подолго време бара да му се додели просторија која е државна сопственост, а во која ќе може да се организираат изложби и друг вид културни манифестации. ад/вг/

 

 Фото: Драганчо Таневски

Остани поврзан