Осум концерти на ОФФ-Фест 2024 од 6 до 9 јуни
- Осум концертни настапи и два документарни филма се дел од дваесет и третото издание на традиционалниот ОФФ-Фест ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Национална опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотека на Македонија.
Скопје, 30 мај 2024 (МИА) – Осум концертни настапи и два документарни филма се дел од дваесет и третото издание на традиционалниот ОФФ-Фест ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Национална опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотека на Македонија.
Оливер Белопета, директор на скопскиот џез фестивал, на денешната прес-конференција во кафе книжарница „Буква“ рече дека фестивалот има базичен концепт кој не се менува.
- Фестивалот има еден базичен концепт кој не се менува, а тоа е да биде фестивал на големи ѕвезди на светската музика, рече тој.
Дополни дека ОФФ-Фест има традиција секоја година да претставува една македонска група.
- Грижливо избираме од тоа што има во Македонија, пред сѐ тоа да биде нешто што сметаме дека во иднина може да го најде патот за Европа. Годинава тоа се Калата, рече Белопета.
На 6 јуни фестивалот ќе го отворат BOMBINO, еден од најзначајните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо.
Дел од фестивалот ќе биде и миксот од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група KUTU.
VICENTE AMIGO ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес.
Последната вечер на ОФФ-Фест ќе ја одбележат фуриозниот полски гудачки квинтет VOŁOSI со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем KALATA, како и познатиот српски world music колектив NAKED.
Во рамките на предфестивалската плус програма ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Cesaria Evora” и „Agadez, the Music and the Rebellion“. ар/аа/
Фото: МИА