• сабота, 21 декември 2024

Осмо издание на детскиот музички фестивал „Распеано симитче“ во Крива Паланка

Осмо издание на детскиот музички фестивал „Распеано симитче“ во Крива Паланка

Крива Паланка, 13 декември 2023 (МИА) - Осумнаесет нови детски музички композиции беа изведени на премиерата на годинашното издание на детскиот музички фестивал „Распеано симитче“ што и овојпат промовираше околу 50 млади музички таленти, солисти и членови на хорот „Симитчиња“.

Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Крива Паланка, во соработка со Национална установа Центар за култура, а организатор е Центар за аудиовизуелни уметности, Крива Паланка.

-Нови млади музички таленти од нашиот град повторно блеснаа на сцената и добија заслужени аплаузи и честитки. Во преполната сала беше вистински празник на музиката за деца, радост за сите присутни и гордост за сите вклучени во организацијата на фестивалот што етаблира и промовира нови локални таленти, изведувачи и автори. Поддршката од општината сосема заслужена, продолжува и во иднина, зашто младите се иднината и го заслужуваат најдоброто, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.

Тој потенцира дека „Распеано симитче“ е кривопаланечки локален музички бренд и секогаш носи нова свежина во културната понуда, промовирајќи учество на локални и регионални автори, со продукција на квалитетна музика за најмладите.

Методи Цветковски од Центар за аудиовизуелни уметности истакна дека и годинашното издание носи своја посебност, како сите претходни, со нови солисти, со докажани, но и нови локални автори на музика и текст, мелодии со современ музички ритам, модерни звуци. Водителката која е заштитно лице на „Распеано симитче“ е познатата македонска актерка со кривопаланечко потекло Елизабета Стефановска Јандреовска.

Цветковски упати благодарност до Општина Крива Паланка за континуирана поддршка на фестивалот, до НУ Центар за култура и културниот сектор од градот за несебична помош и логистика за успешна реализација на првиот ден од годинашното издание.

И утре во 12 часот ќе се одржи една фестивалска изведба на барање на публиката во согласност со програмата на организаторот. Само во текот на денешниот ден фестивалот го проследија над 500 луѓе. Влезниците се достапни на билетарницата на НУЦК, по симболична цена од сто денари. ид/мд/

Остани поврзан