Османи: Посветеноста на евроинтеграцијата ќе ја зголеми отпорноста кон можните руски влијанија
- Заканата од Русија е сериозна и тоа не го кажуваме само во нашите политички наративи, туку тоа го говорат и структурите кои се одговорни за проценка на ризикот од руската агресија и ефектите што ги предизвикуваат руските амбиции, изјави денеска за МИА министерот за надворешни работи Бујар Османи по завршувањето на првиот ден од состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО во Брисел.
Брисел, 3 април 2024 (МИА) - Заканата од Русија е сериозна и тоа не го кажуваме само во нашите политички наративи, туку тоа го говорат и структурите кои се одговорни за проценка на ризикот од руската агресија и ефектите што ги предизвикуваат руските амбиции, изјави денеска за МИА министерот за надворешни работи Бујар Османи по завршувањето на првиот ден од состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО во Брисел.
- Јас постојано кажувам дека Украина е почетокот на руската империјална амбиција, нагласи Османи.
Според него, со евентуална воена победа во Украина или пак со освојување на југозападните области на земјата кон брегот на Црното Море, Русија би воспоставила директна врска со Транснистрија и Молдавија, со што Транснистрија би била нејзина „втората станица“ заедно со Грузија, а потоа би следувал Западниот Балкан.
- Западниот Балкан веќе е сериозна мета на руските хибридни закани. Русија има воспоставено свои прокси центри, прокси политичари, прокси политички партии на Западниот Балкан, вклучително и во Северна Македонија, така што можам да потврдам дека Западниот Балкан е на листата на руските империјални амбиции, потенцира Османи.
Шефот на дипломатијата истакна дека како одговор на ваквите закани ние треба да продолжиме со силната поддршка на Украина за да извојува победа во војната и да ја задржиме стратешката предвидливост, односно посветеноста на европските и евроатланските интеграции со што ќе се зголеми отпорноста на регионот од можните руски влијанија.
Според него, најавите од некои опозициски партии за нови преговори за Преговарачката рамка со ЕУ и за повлекување од Договорот за добрососедство со Бугарија е причина за сериозна загриженост.
- Прво, манипулираат со јавноста за можноста за репреговарање за Преговарачката рамка. Тоа не е можно. Европската Унија не функционира така. Одлуките се носат со консензус на 27 членки и без согласност на само една земја, нема можност да се преговара. Второ, ако се блокира земјата во европскиот процес, таа не само што станува ранлива по однос на можните руски влијанија, туку сите процеси што кај нас се стабилизирани и хармонизирани врз основа на европската идеја ќе почнат да имплодираат, истакна Османи.
Според него, таквиот пристап ќе има последици врз економскиот прогрес, реформите во државата, меѓуетничките и добрососедските односи и позитивното влијание на ЕУ во зголемувањето на отпорноста на државата, земјата ќе стане ранлива и ќе претставува најголем подарок за рускиот претседател Владимир Путин и неговите империјални амбиции, како отскочна даска за минирање на Европа.
- Мислам дека политичарите што ги заговараат овие тези или не ја разбираат геополитиката, не разбираат што се случува и се заслепени од борбата за власт во обид да допрат до граѓаните кои можеби ги немаат соодветните информации за ризиците или пак длабоко се влезени во агендите на Руската Федерација, рече Османи.
Тој истакна дека кај него постои сериозен сомнеж оти станува збор за ова второто, но изрази надеж дека граѓаните нема да дозволат да биде загрозена државата која деновиве слави четири години членство во НАТО и седи на иста маса и носи одлуки заедно со најбогатите и најпросперитетните земји и сите и аплаудираат за постигнатата кредибилноста.
- Да не дозволиме авантуристи-политичари да ни го загрозат тој пат, да ни ги загрозат меѓуетничките и добрососедските односи и пред се нашите евроинтегративни процеси, истакна Османи.
Осврнувајќи се на самиот министерски состанок на НАТО, Османи посочи дека главни теми на собирот беа дефинирањето на приоритетите и заклучоците за Самитот на НАТО што ќе се одржи во јули во Вашингтон, како и зајакнување на единството на Алијансата во однос на поддршката на Украина и заедничката распределба на обврските кон Пактот.
- Се разбира имав можност да се пофалам дека Северна Македонија ја има постигнато целата од два отсто одвојување за одбраната и тоа ја има надминато со Буџетот за 2024 година со 2,05 проценти, со заложба во 2025 година да се стигне до 2,15 проценти од БДП, со што го постигнуваме таргетот на Самитот од Вилнус - два проценти да биде подот, а не покривот, односно максимумот, како и дека 30 проценти од тој буџет е за инвестиции во одбраната, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата посочи дека на состанокот од наша страна биле поддржани и предлозите на воените структури на НАТО за зголемена координација на различните иницијативи за поддршка на Украина со цел да се зголеми ефикасноста на таа помош.
Според Османи, овој министерски состанок е историски од две причини, затоа што се случува на 75-годишнината од формирањето на Алијансата и затоа што е прв собир во овој формат со 32 држави, бидејќи првпат како полноправна 32-ра членка на него учествува и Шведска.
- Со тоа НАТО значително се прошири, зајакна и стана посилен во пресрет на предизвиците со кои се соочува поради руската агресија врз Украина, истакна Османи.
Прашањето за поддршката на Украина ќе биде тема и на утрешното заседание на Советот НАТО-Украина на кои ќе учествува и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, а шефовите на дипломатиите на членките на Алијансата ќе имаат средба и со партнерите од Индо-пацифичкиот регион. сп/нд/
Фото: МИА