• сабота, 21 декември 2024

Османи: Еднострано спроведување на нашиот дел од договорот со Србија само во замена за членство на Косово во НАТО

Османи: Еднострано спроведување на нашиот дел од договорот со Србија само во замена за членство на Косово во НАТО

Приштина, 21 ноември 2024 (МИА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека Србија, доколку не го исполни својот дел за спроведување на договорот, тогаш како алтернатива тоа треба да биде дискусијата со сојузниците за спроведување на делот што се однесува на Косово, но „само во замена за меѓународни гаранции, кои вклучуваат членство во НАТО и меѓународните организации“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, Османи рече дека за неа, што се однесува до договорот со Србија, „поважен е потписот на претседателот на Америка од потписот на претседателот на Србија“.

„Она што го кажав е дека, прво, спроведувањето на договорот има смисла само доколку го спроведуваат двете страни, а второ, како алтернатива, како претседателка на државата, верувам дека ако конечно се види дека Србија нема го имплементира нејзиниот дел од договорот (што верувам дека нема да го направи, дури и да го потпише), тогаш ќе треба да разговараме со нашите сојузници, за спроведување на нашиот дел само во замена за меѓународни гаранции кои вклучуваат членство во НАТО и меѓународните организации, како и поддршка за нови признавања. Искрено, за мене поважен е потписот на претседателот на Америка од потписот на претседателот на Србија“, рече Османи.

Според неа, дијалогот со Србија, предводен од ЕУ, „за жал, е целосно неурамнотежен со нефер третман на Косово и континуирано потчинување кон Србија“.

„Фактот што денес на преговарачката маса дијалог државата што изврши агресија врз Косово не е под мерки, додека жртвата на оваа агресија Косово е под мерки, е најјасен доказ за тоа“, рече косовската претседателка.

Затоа, смета таа, „императив е да има размислување за овој пристап, од сите оние кои навистина сакаат долгорочен мир и стабилност во нашиот регион“.

Таа рече дека нејзиниот поранешен предлог, нацртот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово да се разговара со САД, „за да не се остави ова прашање на (Мирослав) Лајчак или на другите кои веруваат во независноста на Косово“, тогаш „беше најниско нападнат, со секакви клевети, до обвинувања за национално предавство“.

„А каде сме денес? Ние сме токму во моментот каде што се бара истото - ние да го изработиме нацртот. Но, како што е познато, вистинските одлуки треба да се донесат во вистински момент“, рече Османи. иа/

Остани поврзан