• сабота, 21 декември 2024

Организацијата на потрошувачите на Македонија во Кочани претстави проект за јакнење на потрошувачките права во финансиските услуги

Организацијата на потрошувачите на Македонија во Кочани претстави проект за јакнење на потрошувачките права во финансиските услуги

Кочани, 18 септември 2024 (МИА) – Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) денеска во Кочани организираше промотивна средба на која го претстави проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“.

Пред претставници од невладини организации и граѓани беше истакнато дека целта на проектот е да унапредат правата и знаењата на потрошувачите за можностите што ги имаат за да ги заштитат своите права и интереси во работата со давателите на финансиски услуги. Тоа пред сè се однесува на банките, штедилниците, финансиските друштва, давателите на финансиски лизинг и осигурителните компании.

- Изработена е соодветна дигитална алатка „Пријави проблем“ што со пополнување на формата можат да ја користат сите потрошувачи за да претстават евентуални проблеми со еден или повеќе даватели на финансиски услуги. Ние, како организација, прво ќе ги контактираме давателите на финансиските услуги заради спогодбено, со алтернативни начини да се надмине проблемот со побрза, поедноставна и поекономична постапка. Ако не се реши на тој начин, ќе ги контактираме надлежните институции кои имаат овластувања да вршат надзор над работата на овие давателите на услуги за решавањето да биде по институционален пат, истакна Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ.

На средбата беше нагласено дека ако повеќе оштетени потрошувачи поднесат пријави за еден давател на финансиски услуги со ист или сличен проблем, а тој не може да се реши спогодбено, ќе се поведе судска постапка. Притоа, неопходна е согласност од потрошувачот за обештетување, за што ОПМ ќе помогне при поведување на постапката за колективна заштита на потрошувачките права.

Проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“ е финансиран од Европската Унија, Европскиот совет за иновации и Извршната агенција за мали и средни претпријатија (EISMEA) преку Европската потрошувачка организација (BEUC), а ќе се реализира до јуни идната година. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан