Општина Центар со јавен повик за финансиска поддршка на социјални услуги за ранливи категории
- Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка на здруженија – даватели на социјални услуги, со цел да се обезбедат нови сервиси и поддршка за ранливите категории граѓани. Со повикот се поддржуваат програми што придонесуваат за инклузија, заштита на менталното здравје и превенција кај младата популација.
Скопје, 3 април 2026 (МИА) - Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка на здруженија – даватели на социјални услуги, со цел да се обезбедат нови сервиси и поддршка за ранливите категории граѓани. Со повикот се поддржуваат програми што придонесуваат за инклузија, заштита на менталното здравје и превенција кај младата популација.
Како што соопштуваат од локалната самоуправа, средствата се наменети за индивидуализирани услуги со асистивна технологија за деца, млади и лица со сите видови попречености, вклучително и аутизам, преку обезбеден пристап до компјутер и интернет, превенција и поддршка за млади во ризик од злоупотреба на дроги, преку психо-социјална, психотерапевтска и психијатриска поддршка за нив и нивните семејства, како и поддршка за млади во процес на ресоцијализација.
Воедно, за Центар за ментално здравје кај деца, со обезбедување психо-социјална и дефектолошка поддршка и зелена социјална работа со воведување на еколошка перспектива, со цел градење инклузивна и зелена средина и вклучување на младите и децата во активности со еколошка компонента.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека станува збор за услуги и сервиси со силен фокус на инклузијата и еднакви можности за сите.
-Општина Центар обезбедува социјална заштита за ранливите категории и создава стимулативни услови за развој на младите. Преку ваквите програми даваме поддршка и помош таму каде што е најпотребна-истакна Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 10 дена од објавувањето на општинската веб-страница.ар/са/
Фото:МИА архива