• понеделник, 23 декември 2024

Општина Кисела Вода домаќин на престижниот FIRST LEGO League Challenge

Општина Кисела Вода домаќин на престижниот FIRST LEGO League Challenge

Скопје, 11 декември 2024  

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го отвори интернационалниот настан FIRST LEGO League Challenge, еден од најпрестижните STEM натпревари во светот, поддржан од УНЕСКО, кој годинава со одржува во ООУ “Кузман Јосифовски Питу” во општина Кисела Вода. Во своето обраќање тој го поздрави македонскиот организатор, Академијата за Роботика и Иновации и укажа на важноста на ваквите натпреварувања во насока на развивање на знаењето, иновативноста и интересот за науката и технологијата кај младите.

-Минатата година, овој уникатен натпревар ги обедини младите од 104 земји, со над 40.000 тимови кои покажаа дека науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) немаат граници. Тоа го прави овој настан вистински мост за знаење, иновации и соработка меѓу младите генерации ширум светот. Посебно се заблагодарувам на Академијата за Роботика и Иновации, како регионален партнер, за довербата и можноста овој значаен настан да биде домаќин во нашата општина.

FIRST LEGO League е повеќе од натпревар – тоа е иницијатива која ги инспирира младите да размислуваат критички, да соработуваат и да развиваат решенија за реални проблеми. Овој пристап преку интерактивно и забавно учење, базирано на пракса, ги подготвува нашите ученици за предизвиците на модерниот свет, додека истовремено ги поттикнува нивната љубопитност и иновативност.

Особено сум горд што четири тимови од училиштата во Кисела Вода се дел од ова натпреварување и што ќе имаат можност да го покажат своето знаење и умешност. Оваа година, темата на натпреварот е „Истражување на океаните“ – срцето на нашиот глобален екосистем. Нашите млади учесници ќе се соочат со предизвикот да создадат решенија кои ќе придонесат за поздрави и почисти океани, што е важна мисија за нашата планета.

Најдобрите тимови ќе имаат привилегија да ја претставуваат нашата земја на глобално ниво – тимот што ќе го освои првото место ќе се натпреварува во САД, додека второпласираните ќе ја продолжат својата мисија во Грција. Верувам дека ќе бидат достојни амбасадори на Република Македонија.

Кисела Вода е горда што преку овој настан дава свој придонес кон образованието, иновациите и развојот на младите. Овие ученици се идните лидери во науката и технологијата, и денес сме сведоци на нивниот почеток на патот кон големи успеси-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, посакувајќи им успех на сите тимови.

-Нека овој натпревар биде поттик за секој од вас да продолжи да сонува, создава и да ги надминува границите на невозможното. Среќно и напред-порача градоначалникот Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода 

________________________________________________________________________________________ 

 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Општина Кисела Вода 

 

Остани поврзан