• сабота, 21 декември 2024

Општина Карпош апелира да не се користат услуги на луна паркот кај базен „Борис Трајковски“

Општина Карпош апелира да не се користат услуги на луна паркот кај базен „Борис Трајковски“

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Општина Карпош апелира до сите граѓани, а особено до младите, да не ги користат услугите на луна паркот кај базенот „Борис Трајковски“, затоа што го доведуваат во опасност својот живот. Евентуалните последици заради непочитување на законските прописи и на овој наш апел, ќе ги сносат корисниците на услугите и неодговорниот сопственик на реквизитите, наведуваат од локалната самоуправа во денешното соопштение.

- Општина Карпош, за разлика од другите надлежни институции, иако има минимални надлежности, води постапка против диво-поставениот луна парк кај базенот ,,Борис Трајковски”. За жал, ова дивеење и беззаконие на сопственикот на луна паркот му го овозможуваат претставниците на надлежните владини институции. Истиот, не поседува одобрение за работа, ниту пак ги има потребните безбедносни сертификати, со што не ги исполнува законските услови за да ја врши оваа дејност. Тоа значи дека безбедноста на граѓаните, а особено на младите лица, е загрозена и можни се животозагрозувачки последици, пишува во соопштението.

Од Град Скопје на 18 мај соопштија дека правното лице „Дизниленд реквизити“, фирма од Чаир, регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација што гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во општина Карпош.

- Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, презема мерки и го казни правното лице, но, тоа сепак насилно продолжува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирамe да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители, поради практицирањето на ваквото самоволие, пишува на страницата на Град Скопје на „Фејсбук“. бд/дма/

Фото: Лого

Остани поврзан