• понеделник, 18 ноември 2024

Општина Зрновци обезбеди 3,9 милиони денари за инфраструктурни проекти за водоснабдување на две населени места

Општина Зрновци обезбеди 3,9 милиони денари за инфраструктурни проекти за водоснабдување на две населени места

Зрновци, 10 јануари 2024 (МИА) – Локалната самоуправа на Зрновци ќе ги реализира планираните проекти за изградба на преграден армирано-бетонски ѕид со зафат за вода на реката во селото Мородвис, како и за резервоар за водоснабдување на селото Видовиште, а за што од општинскиот буџет обезбеди 3,9 милиони денари. Се работи за дел од инвестициите што годинава ќе се реализираат во трите населени места во општината.

За преградниот ѕид на реката во Мородвис се планирани околу 2,2 милиони денари во бруто износ, а техничкиот проект за инвестицијата беше изготвен пред околу две години. Согласност за доделување на средствата даде и општинскиот Совет на денешната седница, при што градоначалникот Борчо Коцев имаше кратко образложение за неопходноста и важноста на целата инвестиција.

-Овој проект е од витално значење за жителите на Мородвис, а според геодетските подлоги се наоѓа веднаш над селото, во близина на постојниот резервоар за водоснабдување. Со неговата реализација ќе има повеќе придобивки, односно примарно ќе биде за наводнување и обновување на двете селски вади. Ќе се акумулира одредена количина вода во Морошка Река, со оглед што во летниот период некогаш и пресушува, а со оваа мини акумулација ќе можеме да обезбедиме вода за месното население. Исто така, целата околина е предвидена за уредување во рекреативна површина за посета од месното население, но и гости на општина Зрновци, ако се има предвид дека се наоѓа во прекрасна природа, истакна градоначалникот Коцев.

За изградбата на резервоарот за вода за пиење во Видовиште се планирани нешто повеќе од 1,7 милиони денари во бруто износ.

-Таму во 2023 година поставивме нов цевковод со пречник од 125 милиметри и во завршна фаза е каптажата со физичко пречистување, но тоа не го решава прашањето за акумулирање поголема количина вода, претежно во летниот период. Проектот е за нов резервоар од 60 кубни метри, кој заедно со постојниот од 90 кубни метри, ќе обезбеди доволно вода за пиење, додаде градоначалникот Коцев.

По добивањето согласност од Советот, општинската администрација наскоро ќе објави повик за избор на изведувачи на градежните работи, а се очекува двата проекта да се реализираат во средината на оваа година. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан