• понеделник, 04 ноември 2024

Определени вицепремиерите и претседателите на комисиите во Владата

Определени вицепремиерите и претседателите на комисиите во Владата
Скопје, 17 јануари 2022 (МИА) - Владата на денешната прва, конститутивна седница, со која претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, ги определи вицепремиерите и нивните должности, како и претседателите и членовите на основните и на посебните владини комисии. -Ковачевски им го честиташе изборот на министрите за членови на Владата и им посака добро здравје и многу успех во работата во период во кој е потребна добра соработка и вложување на сето знаење, посветеност и умешност како предуслов за добра и успешна работа на Владата во целина во реализирањето на Програмата за работа која е креирана врз основа на приоритетите на граѓаните, соопшти по седницата владината прес-служба. Како што информираат, Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, е определен за прв заменик на претседателот на Владата; Славица Грковска, министер без ресор, за  вицепремиер за политики на добро владеење; Фатмир Битиќи, министер без ресор, за вицепремиер за економски прашања, за координација со економските ресори и инвестиции; Бојан Маричиќ, министер без ресор, за вицепремиер задолжен за европски прашања; Џемаил Чупи е именуван за министер без ресор, задолжен за дијаспора. Владата денеска именуваше и претседатели и членовите на основните владини комисии. За претседател Комисијата за економски систем и тековна економска политика  е именуван Фатмир Битиќи, а за членови на оваа комисија се именувани Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно  планирање, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и  водостопанство и Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика. -За претседател на Комисијата за политички систем Владата го именуваше Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а за членови  Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Славјанка Петровска, министер за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Никола Тупанчески, министер за правда, Бујар Османи, министер за надворешни работи и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, наведуваат од Владата. Должноста претседател на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој, дополнуваат, ќе ја извршува  Славица Грковска, вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење, а членови на оваа комисија се вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за здравство Беким Сали,  како и Јетон Шаќири, министер за образование и наука, Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, Горан Милевски, министер за локална самоуправа и Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура. Не денешната седница се именувани и претседатели и членови на посебните комисии на Владата на Република Северна Македонија. За претседател на Комисијата за именување е именуван Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, а за членови на оваа комисија се назначени Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмир Бесими, министер за финансии, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и  водостопанство, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање. За претседател на Комисијата за станбени прашања е именуван Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, а за членови Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Беким Сали, министер за здравство, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и  водостопанство. Владата денеска за претседател Комисијата за приватизација го именуваше Крешник Бектеши, министер за економија, а за членови се именувани Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и  водостопанство, и Беким Сали, министер за здравство. -На конститутивната седница за шеф на канцеларијата на претседателот на Владата е именуван Мартин Попов, информираат од владината прес-служба. Владата денеска донела и Решение за именување членови на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и за  членови ги определила Славјанка Петровска, министер за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Беким Сали, министер за здравство, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена. За раководител на Управувачкиот комитет, пак, е определен Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.лв/вј/

Остани поврзан