• петок, 27 декември 2024

„Опел“ го намалува производството во фабриката во Риселсхајм во западна Германија

„Опел“ го намалува производството во фабриката во Риселсхајм во западна Германија

Франкфурт, 2 декември 2024 (МИА) - Производителот на автомобили „Опел“ го намали производството во својата главна фабрика во Риселсхајм во западна Германија.

Портпаролот на компанијата денеска изјави дека склопувањето на компактниот автомобил Astra и неговиот сестрински модел, DS 4, ќе биде паузирано оваа недела.

Компанијата, која припаѓа на групацијата „Стелантис“, во консултација со работниот совет ја разгледува можноста фабриката во Риселсхајм да работи во една смена. Се очекува консултациите да траат до крајот на јануари.

Портпаролот рече дека вработените се ослободени од работа без одбитоци на платите за тековната недела. „Ова е наменето како признание за сработеното“, рече тој.

Производството потоа ќе се одвива во една смена почнувајќи од 9 декември. 

Опел во јуни прослави 125 години од постоењето. Поранешната подружница на Џенерал Моторс беше преземена од матичната компанија на Пежо ПСА во 2017 година, која пак подоцна беше апсорбирана во мултинационалната групација Стелантис, што доведе до укинување на неколку илјади работни места.

Во монтажната фабрика во Риселсхајм моментално се вработени околу 1.600 луѓе. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан