• сабота, 23 ноември 2024

ОН: Силите на РСФ во Судан минатата година убиле од 10 до 15 илјади лица

ОН: Силите на РСФ во Судан минатата година убиле од 10 до 15 илјади лица

Каиро, 20 јануари 2024 (МИА) - Во етничкото насилство извршено од паравоената организација „Сили за брза поддршка“ (РСФ) и нивните сојузници од арапската милиција, лани во градот Генеина, во суданскиот регион Западен Дарфур, беа убиени меѓу 10.000 и 15.000 лица, се наведува во извештај на Обединетите нации, што денеска го пренесоа светските медиуми.

Британските медиуми пренесуваат дека независните набљудувачи на ОН се повикуваат на разузнавачки извори за војната во Судан меѓу суданската армија и РСФ, што ескалираше на 15 април 2023 година.

Помеѓу април и јуни минатата година, се случи „интензивно насилство“ во градот Генеина, наведоа набљудувачите на ОН и притоа ги обвинија војниците на РСФ и нивните сојузници за нападите врз племенската заедница Масалит, со оценка дека овие напади „може да претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото“.

„Нападите беа планирани, координирани и извршени од РСФ и нивните сојузнички арапски милиции“, се наведува во извештајот на набљудувачите на ОН доставен до Советот за безбедност.

Извештајот се темели на сведоштва на преживеаните од крвавите злосторства во градот Генеина, на околу 30 километри од границата со Чад, кои успеале да побегнат од масакрите.

Британските медиуми пренесуваат дека РСФ претходно ги негираше ваквите обвинувања, тврдејќи дека нивни членови,  за кои ќе се утврди дека се вмешани во злосторства, ќе бидат изведени пред лицето на правдата, но оттаму не беа подготвени да го коментираат извештајот на набљудувачите на ОН.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан