• сабота, 09 ноември 2024

ОН апелира Русија да го почитува хуманитарното право во Украина

ОН апелира Русија да го почитува хуманитарното право во Украина

Женева, 12 јули 2023 (МИА) – Високиот претставник на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк денеска ја повика Русија да го почитува хуманитарното право, истакнувајќи дека во извештајот, објавен пред две недели, има докази за неоправдано притворање, тортура и сексуално насилство врз цивили во Украина.

Мисијата на ОН за следење на спроведувањето на хуманитарното право во Украина документираше информации за неоправдано притворање на повеќе од 900 цивили од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година до 23 мај оваа година, како и за егзекутирање на 77 затвореници.

- Повеќе од 90 отсто од затворениците што ги држеше Руската Федерација, со кои можевме да разговараме, ни рекоа дека биле подложени на тортура и малтретирање, вклучително и сексуално насилство, во некои случаи извршено од руски безбедносни лица, наведе Турк.

Тој додаде дека ОН бара конкретни мерки од страна на Руската Федерација, која треба да го обучи својот персонал и да гарантира дека се придржува до меѓународните човекови права и хуманитарното право, истакна Турк.

Засега нема коментар од членовите на постојаната руска мисија во ОН во Женева, иако Русија негираше дека се извршени злосторства и дека цивилите биле намерна цел.

Украина им дозволи на истражителите на ОН целосен пристап до затворениците со исклучок на еден инцидент, се наведува во извештајот, а Русија не им одобри никаков пристап и покрај постојаните барања.

Турк исто така рече дека неговата канцеларија забележала некои прекршувања поврзани со Украина.

- Откривме дека украинскиот персонал во неофицијални установи за притвор и, во многу помала мера, во официјални притворски установи имало тортура или злоупотреба, дури и сексуално насилство во форма на закани, посочи Турк. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан