Омаж за поетот Анте Поповски по повод 20-годишнината од неговата смрт
- Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе се одржи омаж по повод 20-годишнината од смртта на поетот и академик Анте Поповски, во организација на Здружението „Антево перо“. Настанот е мултимедијален и е составен дел од годинашното, шесто издание на Меѓународната поетско-културна манифестација што се одржува во чест на Анте Поповски.
Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе се одржи омаж по повод 20-годишнината од смртта на поетот и академик Анте Поповски, во организација на Здружението „Антево перо“. Настанот е мултимедијален и е составен дел од годинашното, шесто издание на Меѓународната поетско-културна манифестација што се одржува во чест на Анте Поповски.
Омажот ќе биде отворен со сегмент од документарниот портрет на Анте Поповски и снимка на негови стихови, интерпретирани од актерот Славко Нинов. За творештвото на Анте Поповски ќе зборува писателот Венко Андоновски.
-Присутните ќе имаат можност да слушнат дел од првото пеење Каин и Авел од грандиозното дело на Поповски „Света песна“ во изведба на артистката Софија Гогова Врчаковска, на која потоа ќе и биде врачено признанието познато како награда „Антева златна книга“. Наградата се состои од книга поетски творби од Анте Поповски во кожен повез, испишани со неговиот оригинален ракопис. Почесното признание, кое Здружението „Антево перо“ го доделува на истакнати личности, на Врчаковска ѝ припадна за нејзината повеќедецениска континуирана афирмација на творештвото на Анте Поповски, пред сѐ на програмите на Македонската радио-телевизија, но и на повеќе настани организирани во негова чест по разни поводи, соопшти организаторот на настанот.
Во чест на поетот, ќе биде промовирана веб-страница која содржи податоци за творештвото на Анте Поповски, за Здружението кое се грижи за чување и афирмација на неговото дело и оставнина, како и за реализацијата на шесте досегашни изданија на Меѓународната манифестација „Анте Поповски –Антево перо“.фф/хс/
Фото: Здружение „Антево перо“