• петок, 22 ноември 2024

Олимписко спонзорство - бизнис вреден милијарди

Олимписко спонзорство - бизнис вреден милијарди

30 јули 2024

DW/ARD

Игрите се сами финансирани - стои на страницата на Меѓународниот олимписки комитет (MОК), кој е задолжен за организација на Олимписките игри. 96 отсто од буџетот за Олимписките и Параолимписките игри е обезбеден од приватниот сектор, се наведува понатаму. МОК смета на вкупна сума од 4,38 милијарди евра за Летните игри во Париз во 2024 година.

Сепак, реалните трошоци на овој спортски настан ќе ги надминат планираните приходи, вели спортскиот економист Тимо Цимерман од Меѓународната школа за менаџмент во Дортмунд: „Трошоците за организација на Олимписките игри обично се проценуваат на три до пет милијарди долари, но како правило дека реалните трошоци се многу повисоки. Во Париз веќе сме на двојно поголема сума“, вели тој.

Инвестицискиот стратег Стефан Кемпер од француската приватна банка БНП Парибас ги споредува Олимпијадата со голема забава која чини повеќе отколку што носи. „Спонзорствата, продажбата на билети и разни други приходи обично не се доволни за покривање на трошоците што ги бара еден ваков настан.

За Летните игри во Париз, според МОК, 1,2 милијарди евра доаѓаат од таканаречените партнерства. Меѓу нив има 14 глобални главни спонзори кои имаат ексклузивна позиција во нивните сектори - ова објаснува, на пример, зошто нема друг голем производител на автомобили освен Тојота како главен спонзор на Олимпијадата.

Американската компанија Visa е единствената од секторот за финансиски услуги меѓу главните спонзори, а Coca-Cola е главниот освежителен пијалок на Олимписките игри - и постои од 1928 година.

Спортското спонзорство е најпопуларниот облик на рекламирање, вели професорот за спортски менаџмент Цимерман. „Станува збор за користење на признанието на Олимписките игри и нивната глобална привлечност за да се презентираат нови производи, да се освојат нови пазари“, вели тој, а исто така постои и пониска приоритетна цел - воспоставување емотивна врска помеѓу крајните потрошувачи и партнерските компании, вели Цимерман.

Со други зборови, целта е да се зголеми препознатливоста на брендот.

Покрај големите главни спонзори, уште 70 компании се партнери на национално ниво - како што е францускиот луксузен концерн LVMH, кој произведуваше куфери со карактеристична карирана шема специјално за Олимписките игри. Овие куфери држат медали создадени од францускиот златар Шауме, додека луксузниот кројач Берлути ги опремува француските спортисти со елегантни одела.

Но, поддршката за индивидуални спортисти може да се одвива и во помал обем.

На пример, германската компанија со средна големина Maschinenzucher (Maschinensucher.de) од Есен по трет пат спонзорира спортисти на Олимписките игри. Директорот Свен Шмит објасни зошто за првата програма на германската телевизија АРД: „Ние продаваме внимание на нашите маркетери, генерираме прашања за купување, нашите платформи мора да бидат познати, мора да генерираме внимание и тоа го правиме со одличен маркетинг“.

Компанијата посредува во пронаоѓањето на користени машини - од вилушкари до транспортни системи. Според директорот Шмит, издвојува осумцифрена сума за маркетинг, односно милиони, пред се за спонзорство за спорт. Тоа нема само економски причини.

„Кога се занимавате со спортско спонзорство, секогаш има малку лична пристрасност. Првиот пат кога бев на Летните олимписки игри беше во Пекинг во 2008 година, и тогаш добив олимписка треска. Затоа ми е задоволство да ги поддржувам спортистите со моето друштво“.

Дали присуството на една компанија на Олимпијадата може да се мери со зголемување на приходите? Тоа не може да се заклучи на краток рок, вели Шмит. Но, треба да се инвестираат многу пари за градење бренд.

Најдобар пример е Кока-Кола, која со децении толку успешно го одржува својот бренд што сите мислат: „Тоа не мора ни да го прават“.

А, еден од ефектите за спонзорите на спортистите на Олимпијадата е нивното често спомнување заедно со големи, познати спонзори. Тие можат, дополнително, да ги користат олимписките прстени како лого на нивните веб-страници - како официјални партнери на овој голем спортски настан. мс/

Остани поврзан