• недела, 21 јули 2024

ОЛАФ откри измама со пари од ЕУ во вредност повисока од милијарда евра (ДПЛ)

ОЛАФ откри измама со пари од ЕУ во вредност повисока од милијарда евра (ДПЛ)

Виена, 21 јуни 2024 (МИА) - Истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) откри дека повеќе од милијарда евра од парите на даночните обврзници на ЕУ треба да се вратат бидејќи биле злоупотребени. Инспекторите открија и измама со 209 милиони евра пред тие пари да бидат неоправдано потрошени, објави ОЛАФ.

Покрај откривањето на фондовите на ЕУ кои завршија во погрешни раце, ОЛАФ ги следеше трагите на шверцери, фалсификатори и царински измамници, помогна во спроведувањето на трговските мерки и санкции на ЕУ за поддршка на Украина и продолжи да развива политики за спречување и борба против измамите.

ОЛАФ, исто така, истражуваше сомневање за недолично однесување од страна на персонал или членови на институциите на ЕУ.

Резултатот од истрагата во 2023 година е препорака да се вратат 1,04 милијарди евра во буџетот на ЕУ, како и да се спречи неоправдано трошење на 209,4 милиони.

Во набљудуваната година, ОЛАФ затвори 265 истраги и издаде 309 препораки до националните и властите на ЕУ, а по повеќе од илјада прелиминарни анализи од страна на експертите на Канцеларијата, отвори 190 нови истраги. Исто така, препрати 79 случаи со можни кривични дела до Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО).

Генералниот директор на ОЛАФ Вила Итала рече дека 2023 година беше година на борба против измамите на сите фронтови и дека Канцеларијата работеше заедно со партнерите во многу случаи за да помогне во заштитата на финансиските интереси на ЕУ, нејзините граѓани, економијата и владеењето на правото. Предмет на истрагата биле   манипулации во јавните набавки, судир на интереси и напумпани фактури, соопшти ОЛАФ.

Се додава дека продолжил трендот на зголемување на бројот на измами и неправилности во дигитална форма. Истрагите  ги покриваат сите области на расходите на ЕУ, од регионално финансирање до земјоделство и истражување.

ОЛАФ, кој оваа година ја слави својата 25-годишнина, минатата година го координираше и новиот акционен план на Европската комисија за стратегија за борба против измами. Таа канцеларија истражува во сите земји-членки на ЕУ и трети земји, а меѓу нејзините партнери се и меѓународните организации.зш/

Остани поврзан