• сабота, 17 август 2024

Околу шест илјади косовски Срби ги замениле српските со косовски возачки дозволи

Околу шест илјади косовски Срби ги замениле српските со косовски возачки дозволи

Приштина, 16 август 2024 (МИА) – Косовската полиција соопшти дека продолжува заинтересираноста на граѓаните од српска националност да ги заменат возачките дозволи издадени од Србија со косовски возачки дозволи, така што од почетокот на мај, кога беа воведени одредени олеснувања за нивна промена, досега се поднесени речиси шест илјади барања, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменикот началник на полицијата на Косово за северниот регион, Ветон Ељшани информира дека досега се поденесени вкупно 5.982 барања, од кои најголемиот број во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово.

Во Лепосавиќ, според Ељшани се заменети 1.842 возачки дозволи, во Северна Митровица 1.449, во Звечан 1.099 и во Зубин Поток 908, а има барања од граѓаните и во другите општини низ земјата, како во Грачаница, Каменица, Штрпце итн.

Косовското Министерство за внатрешни работи одлучи на почетокот на мај да овозможи премин од српски возачки дозволи издадени на граѓаните на Косово, кои за властите во Приштина се незаконски, на косовски возачки дозволи.

Одлуката стапи во сила на 9 мај и важеше до 9 август, но поради интересот на граѓаните рокот е продолжен до 23 август. По истекот на овој рок, како што е најавено, повеќе нема да може да се вози во Косово со дозволи издадени од Србија и нема веќе да важат олеснувањата за нивна замена, меѓу кои е и неподлегнувањето на нов возачки испит. иа/рп/

Остани поврзан