• понеделник, 23 декември 2024

Од маалски баскет терени во Атина, до врвот на НБА - Грција горда на Јанис Адетокунбо

Од маалски баскет терени во Атина, до врвот на НБА - Грција горда на Јанис Адетокунбо
Атина, 21 јули 2021 (МИА) – Победата и освоениот шампионски трофеј на Милвоки Бакс и изборот на Јанис Адетокунбо за МВП, денеска се една од главните теми во Грција, како во медиумите, така и на социјалните мрежи, а честитки до „Greek freak“ упатија низа грчки политичари, меѓу кои и премиерот на земјата, јави дописничката на МИА од Атина. Кирјакос Мицотакис, преку Твитер објави фотографија како на телевизија го следи натпреварот, додека пак лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас се осврна и на родителите и минатото на Адетокунбо. - Неверојатен Јанис Адетокунбо! Грците насекаде слават, напиша премиерот на Грција. - Од мал стан во Атина на врвот на светот. Победници, борци, шампиони. Деца на мигранти кои се соочија со расизам и неправда. Пораснати со вредности и идеали од родители кои дојдоа во Грција за подобар живот. Честитки Јанис и Танасис Адетокунбо. Горди сме што сте Грци, напиша Ципрас на „Твитер“. Честитки испратија и други лидери на политичките партии во Грција, како и министри од Владата, додека пак медиумите во земјата се преполни со пофалби, возвишување и гордост за успехот на Јанис. „Нов крал на НБА“; „Со 50 поени, Адетокунбо ги одведе Милвоки до победа“ ; „Адетокунбо испиша историја и неговото име го стави до она на Леброн“; „Бакс и Јанис на врвот на НБА“, „Од Сеполија на врвот на НБА“, се дел од насловите и коментарите во грчките медиуми. Во изјава за новинарот на грчкиот портал „Спорт24“, веднаш по завршувањето на натпреварот, Јанис се шегува дека ако не се соберат 100.000 луѓе да го пречекаат во сабота на атинскиот аеродром, тогаш воопшто нема ни да дојде. Денеска, на официјалниот Инстаграм профил, „Greek freak“ објави фотографија од трофеите и напиша „Добредојде во домот на Адетокунбо“. Јанис е од атинската населба Сеполија, која не спаѓа во категоријата елитни делови на Атина, а најкорисниот играч во НБА лигата, не ги заборава неговите почетоци и доста често помага како во изградбата на терени за баскет, така и за промоција на кошарката. А токму во Сеполија, во маалско кафуле, според грчките медиуми, оние кои и Јанис и Танасис ги знаат уште од нивните први чекори во кошарката, го следеле во живо натпреварот, а победата ја прославиле со шампањ. Иако роден и израснат во Грција, иако заврши грчко училиште, сепак, строгите закони во земјата, како и за сите деца на мигранти, беа пречка веднаш да добие државјанство. Родителите на Андетокубо во 1992 година од Нигерија се преселиле во Грција во потрага по подобар живот. Биле решени да останат, па така сите пет деца добиле грчки имиња. Јанис, за да му помогне на семејството продавал ЦД и разноразни предмети, а заедно со неговиот брат играле кошарка во маало каде што ги забележал тренерот на КК Филатлитикос - второлигашкиот тим од Атина. Поради тоа што немаше грчко државјанство, Адетокунбо, до 2013 година не можеше да настапува за ниедна од репрезентациите, ниту јуниорската ниту сениорската, а Грк, официјално стана на 18 години, кога како што се шпекулираше во медиумите, државјанството, по брза постапка, заедно со неговиот брат Танасис го добија во 2013 година по интервенција на тогашниот грчки премиер Андонис Самарас, откако беше избран на драфтот на Милвоки Бакс. ср/зс/

Остани поврзан