• четврток, 19 декември 2024

Пендаровски: Руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата на Западен Балкан

Пендаровски: Руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата на Западен Балкан

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) – Во изминатите две децении иницијативата САД-Јадранска повелба (А-5) се покажа како успешен регионален механизам за јакнење на довербата меѓу земјите членки, но и пошироко, оцени министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната 26. Конференција на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).

Таа во своето обраќање посочи дека резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и широко препознаени.

- Четири од постојните нејзини членки се полноправни членки на НАТО алијансата, но заеднички придонесуваме и во поддршка на меѓународниот мир и меѓународните операции, нашиот заеднички придонес во мисијата ИСАФ и „Одлучна поддршка“ беа широко препознаени и вреднувани од нашите сојузници. Палетата на идеи и проекти за соработки продолжува и во развојот на одбранбените способности во рамки на НАТО процесот за одбранбено планирање и исполнување на обврските од целите на способности и партнерските цели, а потоа во рамки на заедничката обука и извежбување на силите, кризниот менаџмент и многу други области, истакна Петровска.

Министерката рече дека во изминатите две децении, Соединетите Американски Држави биле најсилните мотиватори и поддржувачи на европските и евроатлантските агенди на земјите членки на Повелбата.

-Без вашата несебична поддршка сите ние немаше да бидеме онаму каде што сме денеска. Убедена сум дека поддршката ќе продолжи со несмален интензитет и во наредниот период и во реализација на идните планирани проекти во рамки на Повелбата, рече Петровска.

Според неа, изминатите две децении покажале дека взаемната соработка, довербата и недвосмислената поддршка се движечки постулати на регионалната соработка.

-Соработката со вас ми дава за право да бидам сигурна дека успешно се справувате со сите предизвици и дека уште поуспешно ќе го правите тоа во иднина. Но, време е таква решителност и мудрост да биде препознаена и кај политичките лидерства во нашите, и земјите од регионот и енергијата да ја насочиме кон решавање на проблеми, а не нивно разгорување или создавање нови, порача Петровска. 

Командантот на Командата на Армијата на САД за Европа, генерал Кристофер Каволи рече дека инвазијата  на Украина од страна на Русија укажува на вредноста и важноста на колектината безбедност и колективниот територијален интегритет.

-Сите земји кои се тука присутни имаат значителни програми за споена соработка и учествуваат како партнери и сојузници во модернизацијата на НАТО во рамки на концептот за колективна одбрана. Инвазијата на Русија, исто така не потсетува дека потребно е да работиме на стабилноста секој ден и случувањата во овој регион кои неодамна се случија покажуваат дека сите мора да придонесуваме на стабилноста секој ден, истакна Каволи. 

На конференцијата се обрати и претседателот Стево Пендаровски кој изрази задоволство што оваа година претседавањето со А 5 групацијата го презеде нашата земја, и тоа за првпат откако е членка на НАТО.

Посочи дека од формирањето до денеска Јадранската повелба во голем степен ја има остварено иницијалната цел- промовирање и имплементација на политиката на отворена врата на НАТО, заради која и била основана.

 -За време на сите изминати години Северна Македонија без двоумење се вложи во промовирање на целите на Повелбата и ќе продолжи да го прави тоа со цел на најдобар начин да бидат разбрани и прифатени предностите на партнерството и интеграцијата во НАТО Алијансата, во тој контекст сакам посебно да го истакнам значењето на севкупната подршка од страна на САД кои и денеска продолжуваат да ја даваат за евроатлнатксите аспирации на Западен Балкан, а во функција на обезбедување на мир и просперитет на целиот регион, рече Пендаровски.

Оцени дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметнала потребата ЕУ да се фокусира на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, процес, за кој оцени дека ќе ја зајакне стабилоста, безбедноста и демократизацијата на регионот.

-За жал, пролонгирањето на евроинтеграциите од различни причини практично на сите западнобалкански држави го разнишува кредибилитетот на Унијата.,Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји, и за првпат после три децении расте поддршката за некои други организации и поинакви модели на управување, порача Пендаровски.

На конференцијата беа присутни и началниците на ГШ на вооружените сили (ВС) на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Војската на Црна Гора, како и високи воени раководители од Здружената команда на НАТО од Неапол и од Kомандата на САД за Европа.

Како набљудувачи на конференцијата беа присутни и воени претставници од ГШ на ВС на Словенија, ГШ на Војската на Србија и Косовските безбедносни сили, а како гости на конференцијата беа командантите на националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А5 и тоа Вермонт, Минесота, Ајова, Мериленд, Охајо, Колорадо, Њу Џерси и Мејн. свс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан