• недела, 30 јуни 2024

Одржана манифестацијата „Светски ден на Вранецот 2022“

Одржана манифестацијата „Светски ден на Вранецот 2022“
Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу асоцијацијата „Вина од Македонија“ и „Тиквешки семејни винарии“, кој вклучува поддршка на малите семејни винарници во едукација, маркетинг и развој на стандарди, со што започнува и нов заеднички пристап во развојот и промоцијата на македонското вино, денеска во Скопје официјално беше отворена четвртата по ред манифестацијата „Светскиот ден на Вранецот“. Во обраќањето на отворањето на манифестацијата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека конечно се освестуваме за нашите потенцијали како земја и за можностите за развој на лозарството и винарството сето она што се случува денеска на овој настан е резултат на заложбите и поставеноста за користењето на досегашното искуство во оваа сфера. - За нас како Министерство и Влада лозарството и винарството се стратешки гранки и токму затоа посветуваме сериозно внимание, креирајќи мерки и политики за поддршка и развој на лозарството и винската индустрија. Значаен дел имаат и малите семејни винарници чиј број денес изнесува повеќе од 70, со капацитет до 50.000 литри. Токму за нив оваа година обезбедивме грант до 10.000 евра поддршка за набавка на опрема и производство, изјави Николовски. Според него, со денешното потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу здруженијата на тиквешките семејни винарници и производителите и извозници на вино од здружението „Вина од Македонија“ се унапредува меѓусебната поддршка и соработка и се дава поддршка во градење препознатливост на вината од малите семејни винарници, со цел влез во светските вински листи. - Малите семејни винарници се вклучуваат во активностите на асоцијацијата „Вина од Македонија’ и заеднички ќе настапуваат на извозните пазари, изјави Николовски. Тој изрази благодарност до претставниците на винариите за поддршката на планот за субвенционирање, со која, како што рече, менуваме популистичкиот модел за субвенции. - Носиме храбри одлуки и верувам дека сите чинители ќе се вклучат активно во тоа, изјави Николовски, најавувајќи дека следната недела ќе се одржи тематска седница на Владата на која ќе се разгледува оваа Нацрт-програма, по која до крајот на годината ќе се води расправа. Според него, ако ни е целта да се развиваме и субвенциите да бидат развојни треба јасно да се знае каде одат парите на граѓаните и ќе се субвенционираат само вистинските лозари. Тој изрази надеж дека желбата да се има повисоки стандарди, да се предаде и продаде целокупното производство, да се врзат субвенциите и со осигурувањето, ќе претставува поттик да се искористи шансата што ќе биде предвидена со планот за субвенционирање. - Добро  што по четврти пат се одржува оваа манифестација. Оваа година постигнавме рекорд – 47 манифестации од меѓународен карактер се поддржани од Министерството. Бидете сигурни дека сето она што ќе го предложите ќе влез во нашите програми, рече Николовски. Тој потенцира дека по тутунопроизводството, лозарството е втората гранка по обемот на приливот на средства од извоз во земјоделскиот сектор, па затоа Владата до 15 октомври ќе ја исплати ветената помош од 170 милиони денари за лозарите, но дека примарна цел на тие средства треба да биде зголемувањето на извозот, пробивање на нови пазари и искористување на нови можности со што ќе се обезбеди препознатливост на македонското вино. - Вчера со одлука на Владата, на предлог на МЗШВ, се воспостави нов Национален саем за вино и храна, кој  во рамките на Отворен Балкан, како продолжение на Саемот во Белград, ќе го организираме во Скопје. Тоа ќе биде еден посериозен проект што ќе го реализираме во наредниот период и верувам дека сите заедно партнерски ќе успееме во тоа, истакна Николовски. На отворањето на манифестацијата „Светскиот ден на Вранецот“ се обрати и претседателот на асоцијацијата „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски кој се осврна на значењето на индустријата и обезбедување на долгорочна одржливост и развој на овој секторот. - Како еден од најзначајните сектори во државата во кој се инволвирани близу 100.000 лица, неопходно е час поскоро да се дефинираат стандардите за квалитет за производство на грозје и вино. Поддршката треба да се насочи кон производителите кои сериозно се занимаваат со оваа дејност и вложуваат во нејзиниот развој и тоа да биде основа за обезбедување понатамошна поддршка, истакна Јаневски. Тој нагласи дека е потребно да се воведат и мерки со кои ќе се овозможи окрупнување на лозовите насади, со цел зголемување на продуктивноста, која сега, според него, е на многу ниско ниво во целиот земјоделски сектор. Извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска Јеленковиќ изјави истакна дека денешниот настан има огромно значење не само за земјава, туку и за целиот регион. - Вредноста и потенцијалите на „Вранецот“ треба да ги дознае и останатиот дел од светот и на тој начин да ја промовираме винската индустрија на Балканот. Токму во автентичните вина што се произведуваат во целиот наш регион лежи потенцијалот за успех за освојување на странските пазари, рече Младеновска Јеленковиќ. Таа најави и два големи проекта на кои работи здружението, поддржани од Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) и Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), насочени кон развојот на стандарди во лозарството и винарството, како и заеднички пристап во промоција на вината од Балканот. На манифестацијата беше доделена и титулата „Амбасадор на Вранецот“, чии носители се Томас Кртис и постхумно Филип Камби, еден од врвните светски енолози кој работеше на развој и промоција на „Вранецот“. Манифестацијата „Светскиот ден на Вранецот“, во организација е здружението „Вина од Македонија“ и партнерите од „Балканската винска мрежа”, која оваа година има и меѓународен карактер, ги обединува македонските и регионалните производители на „Вранец“, како и вински експерти и ентузијасти од целиот свет, со цел меѓународна промоција и препознатливост на овие вина. На „Винскиот салон“ во рамки на манифестацијата беа претставени над 50 вина „Вранец“ произведени од винарии од земјава, Косово, Србија, Црна Гора и Албанија, а беа овозможена и дегустации на вина и од Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, Холандија и САД. На манифестацијата свои обраќања имаа проф. др. Климе Белески, кој говореше за „Улогата на тероарот врз квалитетот на лозјето од сортата Вранец“, проф. др. Виолета Иванова Петролулос, која се осврна на „Ароматичниот и полифенолен профил на вино од сортата Вранец“, како и Томас Кертис, кој се осврна на можностите „Како да го користиме Вранецот за интернационална промоција позиционирање”. На „Светскиот ден на Вранецот“ се одржа и панел дискусија на тема „Патот на Вранецот до глобалниот пазар: Соочување со предизвиците и имплементација на успешни стратегии“. Инаку, „Вранецот“ е присутен во пет земји од нашиот регион - Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и во Северна Македонија, при што во нашата земја е засаден на близу 11.000 хектари, со што таа се истакнува како најголем производител на вино од оваа сорта. „Светскиот ден на Вранецот“ беше реализирана со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рамки на руралната програма за развој, како и на Министерството за надворешни работи и на неколку локални компании. сп/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан