Одобрен проект за подобрување на условите за учење во деветолетката „Никола Петров Русински” во беровско Русиново
- Одобрен е проектот за санација на ѕидови и плафон во деветолетката „Никола Петров Русински” во беровското село Русиново.
Берово, 26 јули 2021 (МИА) - Одобрен е проектот за санација на ѕидови и плафон во деветолетката „Никола Петров Русински” во беровското село Русиново.
За реализација на проектот, а со цел подобрување на условите за учење на учениците, како што информираа од Општината, претходно беше поднесена апликација до Министерството за образование и наука.
- На наше огромно задоволство оваа апликација е прифатена. Проектот ќе се финансира во рамките на повикот за финансирање на проекти за реновирање на училишни објекти, на општински основни и средни училишта под надлежност на општините со средства од буџетот на Министерството за образование и наука, информираа од општината.
Додаваат дека во рамки на проектот предвидени се повеќе градежни активности во училиштето.
- Проектот опфаќа, санација на пукнатини, молирање на ѕидовите, флексибилна облога на таваните, со спуштен плафон, отстранување на мрсна фарба со брусење и глетовање на ѕидовите, набавка и монтажа на лифт и изградба на пристапна патека, појаснуваат од Општината.
Реализацијата на проектот, како што додаде градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, е потврдува за константната грижа за Берово и населените места во општината.
- Постојано ги подобруваме условите за живот на граѓаните, а образовните објекти мора да се реконструираат и постојано да се унапредува образовниот процес, рече Пекевски.
Тој потенцира дека една од главните цели кои ги ветил пред граѓаните е токму санација на дотраените училишни објекти поради што на вакви и слични проекти општината ќе продолжи да работи и во наредниот период. в.с/цр