• понеделник, 23 декември 2024

Одбележан Светскиот ден на инженерите

Одбележан Светскиот ден на инженерите
Скопје, 4 март 2021 (МИА) - Со онлајн предавање на тема „Сите заедно за чист воздух - одржливо инженерство“, на кое учествуваа инженери од различни области, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија денеска го одбележа 4 Март - Светскиот ден на инженерите. На состанокот на инженерите се вклучи и претседателот на Европскиот совет на инженерски комори, Клаус Туридл, кој ги поздрави македонските инженери и им посака успешно одбележување на Светскиот ден на инженерите. Северна Македонија е една oд 89-те држави која го одбележува овој значаен ден за инженерите. Претседателот на македонската комора, професор д-р Миле Димитровски одржа предавање насловено како „Пандемијата ќе заврши, загадениот воздух ќе остане“. - Како Комора, која ги застапува, брани и штити интересите на инженерската фела, нормално е да го одбележиме овој значаен ден во услови на пандемија. Инженерството е носечка гранка во македонското стопанство и затоа, треба да го добие заслуженото место. Секако, нашата професија обезбедува одржливо стопанство, порача Димитровски. Исто така, со предавања на одбележувањето се вклучија професорите Миле Станковски на тема „Навремен мониторинг на квалитетот на воздухот со беспилотни летала“ и Даме Димитровски од Институт за термичко инженерство на тема „Промена на видот на греење во домаќинствата – услов за незагаден воздух“. За Костадин Ристоманов, инженер и сопственик на компанијата „Рикоградба“, овој ден е можност инженерите да го кренат својот глас во општеството. - Како инженер и како член на Комората, лично, сум почестен што некој во ова општество го одбележува нашиот светски ден. Секогаш, некој политичар или доктор, ќе го земе приматот и ние како инженери, остнувамеа во втор план. Затоа, одбележувајќи го овој ден, настојуваме да се подобри статусот на инженерите во општеството како неминовен сегмент од општествениот живот. Ние сме малку маргинализирани и треба да се избориме да се слушне нашиот глас во општеството за да се подобри нашата улога како инженери, посочи Ристоманов. Светскиот ден на инженерството за одржлив развој беше прогласен од УНЕСКО на 40-тата Генерална конференција во 2019 година. Тој се слави ширум светот на 4 март секоја година. Денот нуди можност да се потенцираат достигнувањата на инженерите и инженерството во нашиот современ свет и да се подобри јавното разбирање за тоа како инженерството и технологијата се од клучно значење за современиот живот и за одржливиот развој. вј/сп/

Остани поврзан