• вторник, 05 ноември 2024

Одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица

Одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица
Дебар, 06 мај 2020 (МИА) – Празникот Свети Великомаченик Георгиј, патрон на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, беше одбележан само со присуство на бигорското братство и раичкото сестринство и многу мал број верници. Ова се случува за првпат во неговата понова историја, но сепак,како што вели сестра Ефимија молитвата упатена кон Светецот веруваат дека ќе влезе во сечиј дом. -Манастирската слава посветена на Св. Георгиј помина без присуство на поголема бројка на народ, заради актуелната ситуација со коронавирусот и прогласените мерки за заштита и превенција. Но тоа не значи дека не беше радосно, зашто силно веруваме дека молитвата која ја упативме кон Светецот ќе влезе во сечиј дом и ќе ги израдува и поткрепи сите луѓе, изјави за МИА, сестра Ефимија. Традиционлано одбележувањето почна синоќа со вечерна , продолжи и денеска со утрена богослужба, а потоа и со литургија, која беше отслужена од архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“, е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на шеснаесеттиот век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник. Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј. Во меѓувреме се очекува да продолжи градителскиот потфат во манастирот за реконструкција на стариот објект и доизградбата на новиот. Инаку, манастирот својата градителска сага ја започнал уште во далечниот седумнаесети век, во времето на бигорскиот игумен Иларион, а својот архитектонски процут го доживеа под будната грижа на игуменот Арсениј, големиот ктитор на бигорското светилиште. Оваа сага ја продолжува архимандрит Патрениј, под чиј благослов, грижа и оддаденост обновен е монашкиот живот и тука и во Бигорскиот манастир, а Божјите светлишта блеснаа во полн сјај.вт/ир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан