• понеделник, 23 декември 2024

Објавен превод на романот „Библиотекарката од Аушвиц“ од Антонио Итурбе

Објавен превод на романот „Библиотекарката од Аушвиц“ од Антонио Итурбе
Скопје, 11 септември 2022 (МИА) - Во издание на „Бата прес“ објавен е романот „Библиотекарката од Аушвиц“ од шпанскиот писател Антонио Г. Итурбе. Книгата од шпански на македонски јазик ја преведе Катерина Јосифовска, а објавувањето е поддржано од Секторот за евроинтеграции на Министерството за култура и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година во рамки на проектот „Отворени книги – отворени граници“. Како што соопшти издавачот, доаѓањето на авторот Итурбе е најавено за 28 септември и се договара промоција на романот во Музејот на холокаустот во Скопје. Првата промоција на делото е на „Фестивалот на книгата 22“ што се одржува на мини саемот на книга пред спортскиот центар „Борис Трајковски“. Романот „Библиотекарката од Аушвиц“ се темели на вистините настани во логорот Аушвиц и искажувањата на преживеаната Еврејка Дита Краус. -Ова е неверојатна приказна за девојчето што го ризикувало својот живот за да ја сочува магијата на книгите за време на злосторството и која очи во очи се сретнала со „Ангелот на смртта“ Јозеф Менгеле, со германските воени злосторници Адолф Ајхман и Рудолф Хес, кој бил командант на логорот, во кој според официјалните бројки биле погубени и во најголем број изгорени преку милион и сто илјади луѓе, информира издавачот. Антонио Гонзалес Итурбе е писател, новинар и универзитетски професор. Роден е во 1967 година, а уште од рана возраст живеел во Барселона. Во 2006 година ја објавил својата прва книга „Rectos torcidos“ и го напишал серијалот за деца „Los Casos del Inspector Cito“, кратки приказни што му ги читал на неговиот син пред да заспие. Негова најпозната книга е „Библиотекарката од Аушвиц“, со кој стекна светска слава, беше и најпродаван роман според „Сандеј тајмс“. Неговите книги се преведени на повеќе од триесет јазици. мд/хс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан