• петок, 22 ноември 2024

Објавен оглас за избор на нови членови на ДКСК, старите без право на реизбор

Објавен оглас за избор на нови членови на ДКСК, старите без право на реизбор

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Објавен е јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата-ДКСК, и според одлуката донесена од Собранието на Република Северна Македонија, акутелните членови на ДКСК се без право на реизбор.

Според конкурсните услови, лица кои во кој било мандат ја вршеле функцијата претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, или биле членови на ДКСК, без оглед на траењето на мандатот, не може да бидат избрани повеќе ниту за претседател, ниту за член на Државната комисија.

Секој кандидат за претседател мора да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години работно искуство во областите на на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување, додека за член на ДКСК освен десет годишно работно искуство, доволни се шест години работно искуство во областите на откривање или спречување корупција.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Собранието на Република Северна Македонија истовремено објави Повик до здруженија на новинари, други здруженија и фондации за учество во интервјуто на кандидатите кои ги исполнуваат условите за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Сите здруженија на новинари кои се основани согласно закон, односно регистрирани повеќе од пет години и секое здружение или фондација регистрирани согласно закон и со искуство од најмалку пет години во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување имаат право да се пријават на повикот и да учествуваат во интервјуто.

Покана за номинирање на свои претставници кои ќе учествуваат во интервјуто на кандидатите кои ги исполнуваат условите за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата е испратена и до Народниот правобранител, МАНУ и Интеруниверзитетската конферренција.

Како што е познато, во составот на ДКСК се избира претседател и шест членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан