• вторник, 05 ноември 2024

Обилни дождови и поплави во Сиднеј, започна итна евакуација

Обилни дождови и поплави во Сиднеј, започна итна евакуација
Сиднеј, 8 март 2022 (МИА) - Предупредување за поплави долж источниот брег на Австралија е издадено денеска, а десетици илјади жители на Сиднеј ги напуштија своите домови поради обилните дождови кои поплавија неколку поголеми предградија. Реките во источна Австралија веќе го достигнаа својот полн капацитет по рекордните дождови во делови од Квинсленд и Нов Јужен Велс во изминатите недели. Поројните поплави потоа отсекоа цели градови, уништија патишта, фарми... Една 67-годишна жена и нејзиниот 34-годишен син се пронајдени мртви денеска во западен Сиднеј во близина на напуштен автомобил лоциран во канал на атмосферска вода, објавија тамошните служби. Од почетокот на поплавите загинаа вкупно 20 луѓе. Повеќето од загинатите биле пронајдени или во поплавени куќи или во автомобили кои се обидувале да ги поминат поплавените патишта. „Следните 24 часа, па дури и 48, ќе бидат тешки“, најавија од Метеоролошката служба. Тие прогнозираат до 120 милиметри дожд низ Сиднеј во следните 24 часа. Обилните врнежи што го зафатија Сиднеј во некои предградија, од понеделник наутро достигнаа до 200 милиметри, што е значително над просечните врнежи за март од околу 140 милиметри. Наредена е итна евакуација на населението од југозападниот дел на градот. Телевизиските снимки покажуваат поплавени патишта и потонати автомобили на плажите лоцирани во северниот дел на Сиднеј. На жителите од низините од тој дел им било кажано да бидат подготвени за евакуација. Со предупредувања за опасностите од поројни поплави, властите побараа од жителите на Сиднеј, најголемиот австралиски град со околу пет милиони луѓе, да избегнуваат непотребно патување по патишта и да користат јавен превоз. Возовите беа откажани на некои линии поради поплавите. Службите за итни случаи проценуваат дека може да се нареди евакуација за околу 60.000 луѓе во Нов Јужен Велс и ги повикуваат луѓето да ги следат тие наредби. На северот од земјата во неколку градови сè уште нема струја или интернет. паг/

Остани поврзан