• петок, 22 ноември 2024

Обвинителството најавува жалба на ослободителната пресуда за „Тендери“

Обвинителството најавува жалба на ослободителната пресуда за „Тендери“

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Откако ќе ја добиеме пресудата во законскиот рок ќе вложиме жалба. Се надевам дека Апелацискиот суд Скопје, кој е надлежен да одлучува по жалбата, ќе донесе правилна и законита одлука, изјави јавниот обвинител, Стевчо Дончев по ослободителната пресуда за случајот „Тендери“.

Откако Судот пресуди дека поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, заедно со обвинетите Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки, се ослободени од вина во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“, обвинителот рече дека бидејќи постапката сè уште не е правосилно завршена, во овој момент не би коментирал детали од предметот, а сите забелешки на пресудата, како што рече, ќе ги истакнат во жалбата.  

- Ако ги следевте внимателно судењата, имаше презентација на доказите во почетокот на постапката. Снимките посебно кажуваат што се случило во детали. Судот даде таква анализа, но, јас би рекол, во оваа постапка нема да коментирам сè што ќе кажеме во жалбата, рече тој.

Според бранителот на обвинетата Елизабета Канческа Милевска, адвокатот Сашо Дуковски, ниту еден суд не може да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда.

- Цврсто сум убеден дека со оглед на фактите што се презентирани во оваа постапка пред сè и над сè, супервештачењето и сите други материјални и вербални докази, не може ниеден суд да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда, рече тој.

Дуковски истакна дека е, како што рече, жалосно што обвинетите без каква било вина биле подложни на шестгодишна судска постапка со мерки за безбедност.

- Со потпишување во судот, со одземени патни исправи, а на крајот се докажа она што ние го тврдиме од првиот момент во оваа постапка, дека нема ниту еден единствен доказ со кој што се утврдува ова обвинение, рече Дуковски.

Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работата на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Процесот го води судијата Осман Шабани, а обвинението го застапува јавниот обвинител Стевчо Дончев. ар/лв/

Фото: Миа архива

 

Остани поврзан