Новогодишна средба на дебарскиот градоначалник Меља со новинарите
- Градоначалникот на Општина Дебар, Фесник Меља на денешната новогодишна средба со новинарите, ги презентираше проектите, приоритетите и работните идеи за 2026 година.
Дебар, 31 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Дебар, Фесник Меља на денешната новогодишна средба со новинарите, ги презентираше проектите, приоритетите и работните идеи за 2026 година.
Тој ја потенцирана важноста на континуираната соработка меѓу локалната власт и медиумите, како клучен фактор за транспарентност, точно информирање на јавноста и градење доверба кај граѓаните.
Градоначалникот презентираше и кус извештај за работата и активностите на почетокот на мандатот, при што беа истакнати реализираните проекти, започнатите процеси и предизвиците со кои се соочува Општината, како и визијата за развој на Дебар во наредниот период.
-Покрај веќе започнатите инфраструктурни проекти, кои треба да завршат во првите месеци од новата година, имаме проекти за реализација, како во градот така и во населените места, во текот на целата година, за што од унгарскиот кредит имаме на располагање 3 милиони евра. Меѓу другото, како значаен проект е целосната реконструкција на улиците во населба „Венец два“, изградба на паркинг простор а не ја отфрламе можноста и за катна гаража, што навистина му е неопходно на градот, изградба на Центар за деца со посебни потреби, посебно аутизам, за што веќе имаме обезбедено донатори за изградба и менаџирање. Од посебен приоритет е подготовка на Генерален урбанистички план, што го сметаме за темел за сите понатамошни стратешки зафати, рече меѓу другото Меља.
Додаде дека веднаш по преземањето на функцијата приоритет било и Јавното комунално претпријатие „Стандард“ на кое најитно му е поотребна соодветна опрема и механизација. Најави формирање две економски зони, долгорочна стратегија за развој на туризмот, кој како што нагласи е проритет и економски извор, формирање сектор за локален економски развој, младински совет, поддршка за културата и спортот.
На новинарите им посака среќна Нова година со желби за продолжување на соработката за што и тој и општинската администрација посветуваат посебно внимание на транспарентноста, дијалогот и конкретната работа во интерес на граѓаните. вт/аа/
Фото: Општина Дебар