Нови мерки во Грција – задолжителна маска во сите затворени простори, ограничувања за свадби и ноќни клубови
- Поради зголемениот број нови случаи на Ковид-19 и поради појавите на опуштеност и непочитување на превентивните мерки, грчката Влада, презема дополнителни мерки, како што се задолжително носе
Атина, 31 јули 2020 (МИА) - Поради зголемениот број нови случаи на Ковид-19 и поради појавите на опуштеност и непочитување на превентивните мерки, грчката Влада, презема дополнителни мерки, како што се задолжително носење маска во затворени простори, забрана за посети во Домови за стари лица и болници, дозволени најмногу 100 лица на свадби, крштенки и погреби, забрана за одржување панаѓури, забрана за стоење во ноќните клубови, јави дописничката на МИА од Атина.
Кусо откако Националната организација за јавно здравје попладнево соопшти 78 нови случаи на Ковид-19, највисока бројка во изминатиот период, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, ги соопшти новите, дополнителни мерки.
-Во изминатите денови се забележува опуштеност во однос на почитувањето на мерките и појави на собирања и гужви кои се отсликуваат во порастот на случаите. Само денеска имаме 78 нови случаи и затоа е неопходно да се преземат дополнителни мерки, рече Хардаљас.
Поконкретно, од утре до 31 август во сила се: задолжително носење маска во сите затворени простори, вклучувајќи ги и црквите; забрана за организирање на традиционалните фестивали со жива музика т.н. панаѓури; продолжување на мерките за одржување растојание на плажите; продолжување на превентивните мерки кои важат за приватните јахти и туристичките бродови.
Во однос на маските, постои силна препорака, до 15 август, да се користи и на отворен простор доколку е невозможно одржувањето растојание.
До 15 август се откажуваат сите посети во центрите за нега на стари лица, како што се старечките домови, во центрите за бездомници и бегалци, како и во болниците.
Од понеделник до 15 август на свадбите, крштевките и погребите дозволено е присуство на најмногу 100 лица со почитување на веќе постоечките здравствени протоколи.
Ова мерка веројатно доаѓа по информациите дека дел од новите случаи во Грција, регистрирани во изминатите денови се кај гости на свадби.
Епидемиолозите во Грција, во изминатиот период изразуваа особена загриженост за ситуацијата во ноќните клубови, во баровите и слично, каде што на забавите не се почитуваа мерките за одржување растојание, па така, од понеделник, до следната недела 9 август, забрането е стоење во кафулињата и ноќните клубови.
Меѓу мерките кои што денеска ги соопшти Хардаљас е и продолжувањето на прекинот на авионските и морските поврзувања на Грција со Северна Македонија, Албанија и Турција, до 15 август 2020 година, како и одлуката што се однесува на копнените граници.
За влез преку Промахонас (Кулата) задолжителен е негативен тест направен 72 часа пред патувањето, а истото важи за оние кои авионски пристигнуваат во Грција од Бугарија, Романија и Обединетите Арапски Емирати.ср/