• петок, 05 декември 2025

Нови клупи и дрвени мостови во потпелистерските села Маловишта и Цапари

Нови клупи и дрвени мостови во потпелистерските села Маловишта и Цапари

Битола, 7 август 2025 (МИА) - Вработени од ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола, заедно со локалното население од село Маловишта поставија нови клупи и ги уредија патеките кои водат до манастирот Света Ана, црковен објект во кој денес се слави истоимениот христијански празник.

Селото Маловишта е единствено населено место во рамки на националниот парк, а над селото, во густа букова шума, на надморска висина од 1.400 метри е манастирот Света Ана, кој денес ќе го посети и празнува многуилјаден народ.

Од ЈУНП „Пелистер“-Битола информираат дека акцијата за уредување на патеките е дел од програмските активности за реафирмација на туристичкиот потенцијал на Маловишта, село кое со своите традиционалните камени куќи и калдрмисани улици останува јасен симбол на влашкиот културен идентитет и традиција во регионот.

Во пресрет на големиот христијански празник Света Петка, кој утре се слави во селото Цапари, вработените од ЈУНП Пелистер во соработка со локалното население го уредија просторот и поставија нови клупи на просторот околу тамошниот манастир Света Петка и дрвени мостови во Цапарски вир.

-За нас како ЈУНП „Пелистер“ од исклучително значење и важност е соработката со локалното население и во периодот кој следи таа соработка ќе ја јакниме преку континуирана меѓусебна поддршка во насока на заштита на природата и промоција на потенцијалот кој го има потпелистерието за развој на туризмот. Во изминатите денови со нови дрвени мостови го уредивме и просторот околу местото викано Цапарски вир или попознат како Вистински вир со што сега лесно достапна е таа атрактивна локација. Цапарски вир е лоциран на граница на НП Пелистер, веднаш над село Цапари каде сите љубители на планината можат да уживаат во мирот и тишината на природата далеку од високите температури, нагласија од ЈУНП „Пелистер“-Битола.

Оттаму потсетуваат дека сé уште е на сила забраната за движење во шума и сите заинтересирани посетители треба да знаат дека е потребно да добијат дозвола за движење од седиштето на ЈУНП „Пелистер“ во Битола или Инфорцентарот на таа установа.мт/вј/

Фото: ЈУНП „Пелистер“-Битола
 

 

Остани поврзан