Новите македонски филмови „Диџеј Ахмет“, „Мајка“ и „Утре наутро“ во декември во Кинотека
- Програмата во декември на Кинотеката на Северна Македонија ќе понуди премиери, филмови од европски автори и проекции во рамки на фестивалот „Синедејс“.
Скопје, 26 ноември 2025 (МИА) - Програмата во декември на Кинотеката на Северна Македонија ќе понуди премиери, филмови од европски автори и проекции во рамки на фестивалот „Синедејс“.
-Во средиштето на програмата се новите македонски филмови, кои ја реафирмираат свежината и зрелоста на домашната продукција. Премиерите на долгометражните наслови од Георги Унковски - „Диџеј Ахмет“, Теона Стругар-Митевска - „Мајка“ - со интернационалната ѕвезда Нуми Рапас и Јани Бојаџи - „Утре наутро“ цртаат жанровски и стилски шаренолик пејзаж – од урбани енергии и интимни духовни слоеви до егзистенцијални драми испишани со морална тежина. Сето тоа зборува за домашна сцена што созрева гласно, самосвесно и креативно храбро, соопшти Кинотеката.
Во најавата за декемвриската програмата Кинотеката наведува дека таа содржи и „внимателно избрани европски филмови од актуелниот фестивалски корпус: новиот филм на Паоло Сорентино, со Гери Олдман во една од улогите, како и најновото дело на романскиот автор Раду Жуде“.
-Со овие проекции Кинотеката се позиционира како значајна точка на контакт со современото европско авторско размислување – кино што дише со филозофски нијанси, хумор, меланхолија и социјална свесност, истовремено отворајќи прозор кон поширокиот хоризонт на модерната филмска естетика. Особено значајно е што дел од декемврискиот репертоар ќе биде исполнет и со програмата на „Синедејс 2025“. Фестивалските проекции ќе се прелеат во просторот на Кинотеката, создавајќи динамична филмска сцена каде локалното и меѓународното се движат синхронизирано – како две траектории што постојано се допираат, надополнуваат и го збогатуваат културниот пејзаж. Интеграцијата со Синедејс носи дополнителна фестивалска енергија: нови откритија, неочекувани естетики, авторски гласови и филмски разговори што продолжуваат и по изгаснувањето на последниот кадар, соопшти Кинотеката за програмата за декември со која ја затвора 2025 година. хс/са/
Фото: МИА архива